ПОРАДИ МАГЛА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ НЕМА НИ СЛЕТУВАЊА НИ ПОЛЕТУВАЊА, АВИОНИТЕ СЕ ПРЕНАСОЧУВААТ ВО СОФИЈА И ТИРАНА

    ПОРАДИ МАГЛА НА СКОПСКИОТ АЕРОДРОМ НЕМА НИ СЛЕТУВАЊА НИ ПОЛЕТУВАЊА, АВИОНИТЕ СЕ ПРЕНАСОЧУВААТ ВО СОФИЈА И ТИРАНАЛетовите што не се откажани се пренасочуваат кон аеродромите во Софија и Тирана. Магла има и на аеродромот во Приштина. (Фото: СДК.МК)

    Густата магла денеска ги приземји авионите на Скопскиот аеродром. Од утрово во скопската котлина има густа магла, па авиосообраќајот е целосно пореметен. Видливоста паѓа на околу 100 метри, што е далеку под стандардите за слетување во најниската категорија 1, каква што е онаа на Скопскиот аеродром.

    Во текот на денот, околу 13 часот кога видливоста накратко се подобрила, слетаа само три авиони.

    Летовите на повеќе авиокомпании се пренасочуваат кон аеродромите во Софија и Тирана. Магла има и на аеродромот во Приштина, но засега тој е отворен за сообраќај.

    Според сајтот на Меѓународниот аеродром Скопје, откажани се повеќе летови, за Венеција, за Франкфурт, за Виена, Варшава и за двата истанбулски аеродроми.

    Според информации на САКАМДАКАЖАМ.МК, аеродромот најверојатно целосно ќе се затвори за сообраќај бидејќи магла ќе има попладнево и во текот на ноќта.

    Од Меѓународниот аеродром Скопје вечерва соопштија дека аеродромот не е затворен, но поради густата магла денеска, откажани  се 16 летови и 11 се пренасочени.

    „Три авиони слетаа и три авиони полетаа после пладне, кога се подобрија временските услови. Слетаа авионите од Дортмунд, Истанбул и Париз, а полетаа за Истанбул, Осло и Баден-Баден. Согласно временската прогноза која ни стигнува од Метео-службата на М-НАВ, намалена видливост се очекува и во текот на ноќта. Бидејќи временските услови се менуваат постојано, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат“, се вели во соопштението од Меѓународниот аеродром Скопје.

    Од Аеродромот апелираат патниците да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од авиокомпанијата со која летаат.

    Аеродромот е постојано отворен, без разлика на временските прилики, а нашиот персонал е подготвен да ги прифати, услужи и испрати и авионите и патниците, соопштија од ТАВ и сугерираат заинтересираните да ја следат веб-страницата на Меѓународниот Аеродром Скопје https://skp.airports.com.mk/, , каде што сите промени во редовниот распоред на летање се ажурираат во реално време.

    Работи и пултот за информации 24/7 со персонал кој е присутен на аеродромот, а нон-стоп работи и нивната телефонска линија, со број: 02 3148 333 .

    Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во Скопје и во наредните три дена се очекува променливо облачно време со појава на магла.

    Скопскиот аеродром беше целосно затворен  за слетувања и полетувања поради магла и на 26 јануари годинава.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира