Поранешниот пратеник од НСДП Љубомир Јосифовски е во полиција на распит по налог на јавен обвинител од Скопје, откако бил откриен од ИТ инженерите во Централен регистер дека извршил хакерски упад во нивниот систем. ОЈО Скопје засега не побарало притвор против Јосифовски, велат оттаму.
Надлежен обвинител дал насоки на МВР да обезбеди докази како Јосифовски го извршил упадот. Доказите, велат за САКАМДАКАЖАМ.МК од обвинителството, сѐ уште се обезбедуваат.
За приведувањето на Јосифовски, кое се случило претпладнево, соопшти МВР.
„Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во Биро за јавна безбедност при МВР“ по претходно доставена пријава од страна на Централниот регистар на РСМакедонија и по консултација со надлежен Јавен обвинител од ОЈО Скопје, го лиши од слобода лицето Љ.Ј. (46) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело Оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем, предвидено и казниво по чл. 251 од Кривичниот законик“, вели МВР.
С. К. ДЕЛЕВСКА