ПОРОТНИЧКА ВО „ТНТ“ МУ СЕ ПОЖАЛИЛА НА ЏОЛЕВ ДЕКА ПРИМА ЗАКАНИ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ПРЕДМЕТОТ, ВЕЛАТ ОД КРИВИЧНИОТ СУД

    ПОРОТНИЧКА ВО „ТНТ“ МУ СЕ ПОЖАЛИЛА НА ЏОЛЕВ ДЕКА ПРИМА ЗАКАНИ ДА СЕ ПОВЛЕЧЕ ОД ПРЕДМЕТОТ, ВЕЛАТ ОД КРИВИЧНИОТ СУДУтринава, Кривичниот суд го објави дописот од Страшевски дека 8 до 17 јануари ќе биде на годишен одмор. - Адвокатот Јовица Страшевски на последното рочиште за „ТНТ“ (Фото: СДК.МК)

    Судијата-поротник Лилјана Ивановска Кочковска вчера побарала прием кај претседателот на Основниот кривичен суд Скопје Иван Џолев, кому му се пожалила дека прима закани да се откаже од постапување во конкретниот предмет за што е доставена и изјава, соопштија од Кривичниот суд, откако адвокатот Јовица Страшевски, кој го застапува обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба Тони Трајковски испрати допси до медиумите дека поротничката поднела оставка и поради тоа била повикана кај Џолев да ѝ се врши притисок да присуствува на рочиштата.

    „Новиот допис на адвокатот Јовица Страшевски кој денска беше доставен до медиумите само ги потврдува заканите и притисоците кои адвокатот – странка во постапката, се обидува да ги направи врз судот и судијата-поротник, кој одлучува во конкретната постапка, а за кои судот подолго време апелира и вчера побара соодветна реакција од надлежните органи. Неспорен е фактот дека судијата – поротник вчера побара прием кај претседателот на судот на кој му се пожали дека прима закани да се откаже од постапување во конкретниот предмет за што е доставена и изјава. Откако е посочено дека судот ги користи сите легални механизми да го заштити интегритетот и угледот на секој судија и судија-портоник и доколку е неопходно институциите може на секој судија и судија-поротник да му овозможат и обезбедување, поротникот се огласи да продолжи да постапува се до евентуално разрешување од Судскиот совет“, се вели во соопштението на Кривичниот суд.

    Од Кривичниот суд додаваат дека зачудува фактот како адвокатот Страшевски, кој официјално е на одмор и не може да се појавува на закажани судења продолжува со прозивки и притисоци и прашуваат како и од каде адвокатот би знаел какви дописи се доставуаат до судот, од други лица, кога истите се доставуаат само до приемното одделение.

    „Заради сите овие прашања судот повторно апелира до Министерството за правда, Адвокатската комора, Судскиот совет на РСМ и Јавниот обвинител да преземе соодветни мерки и да го заштити судот, бидејќи доколку овие ’методи‘ вродат со плод, истите може да бидат применети и во сите други судски постапки“, велат од Кривичниот суд.

    Претходно утринава, Кривичниот суд го објави дописот од Страшевски дека 8 до 17 јануари ќе биде на годишен одмор. На тој начин, велат од Кривичниот суд, се прават обиди за одолговлекување на главната расправа насрочена за 13 јануари 2020 година, а судот ќе ја извести Адвокатската комора и Судскиот совет.

    При смена на поротник, судењето се враќа на нула, на воведени зборови и изјаснување за вина. Сè што било работено овие две и пол години, не важи, треба да се повтори и изведе како за првпат.

    Во „ТНТ“, првообвинет е избеганиот во Унгарија Никола Груевски, кој нареди да му биде уништен со експлозив објектот „Космос“ на Цаноски, затоа што во 2011 година ја прекина коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Потоа, Миле Јанакиески како координатор на целата акција на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски како логистика и други обвинети од општината.

    Адвокатската комора соопшти дека по прибирањето на сите материјали во врска со преписките меѓу Основниот кривичен суд Скопје и адвокатот Јовица Страшевски ќе ги предаде на дисциплински органи на Комората, кои се надлежни за утврдување на евентуална повреда сторена од адвокатот.

    „На ден 09.01.2020 година, Адвокатската комора на Република Северна Македонија доби писмено известување од Основниот кривичен суд Скопје во врска со наводни притисоци од страна на адвокат во предмет познат во јавноста како ’ТНТ‘. Исто така на ден 09.01.2020 година Адвокатската комора прими Барање од Судот со прилог Известување на адвокатот Јовица Страшевски од Скопје за негово заминување на годишен одмор во периодот од 08.01.2020 до 17.01.2020, за кое судот смета дека е насочено исклучиво кон одолговлекување и опструирање на кривичната постапка и за кое бара од Комората да преземе конкретни дејствија за негово санкционирање“, се вели во соопштението од Адвокатската комора.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира