ПОСКАПЕА И МУЛТИВИТАМИНИТЕ, ПРОБИОТИЦИТЕ И СИТЕ ПРЕПАРАТИ ЗА ИМУНИТЕТ, ТИЕ СЕ ДАНОЧАТ КАКО ЛУКСУЗЕН ДОДАТОК НА ИСХРАНА СО 10% ДДВ

    ПОСКАПЕА И МУЛТИВИТАМИНИТЕ, ПРОБИОТИЦИТЕ И СИТЕ ПРЕПАРАТИ ЗА ИМУНИТЕТ, ТИЕ СЕ ДАНОЧАТ КАКО ЛУКСУЗЕН ДОДАТОК НА ИСХРАНА СО 10% ДДВОсвен чаевите, со повисока стапка на ДДВ од 10 % наместо досегашната од 5 % се даночат и над 500 производи кои се додатоци во исхраната. (Фото: СДК.МК)

    Витамини неопходни за раст и развој на доенчиња и деца, како и витамини за трудници и за возрасни за подигнување на имунитетот се меѓу луксузните додатоци на исхрана кои со одлука на Владата поскапеа од 5 на 10 отсто.

    Со новата одлука на Владата, која беше донесена на 28 септември, а стапи на сила на 7 октомври, се зголемува ДДВ на повеќе прехранбени производи, меѓу кои се чај, цвекло, лутеница, сладолед, чипс, мусли, овесни снегулки, зачини, млечни намази, кроасани, замрзната риба, но и храна за бебиња. Производите, како што стои во образложението од  Владата, поскапуваат оти се луксуз или не се добри за здравјето.

    Но, не станува збор само за производи кои не се добри за здравјето туку и за витамини и додатоци во исхраната.

    Екипа на САКАМДАКАЖАМ направи обиколка низ аптеките во Скопје, каде вработените работеа на ажурирање на новите даноци на над 500 производи што се водат под ставките “додаток на исхрана“ и “гранични производи“.  Тоа се производи што не се лек, ама имаат поголема концентрација на состојки како додаток за лекување или исхрана, како на пример пробиотиците. Нови цени имаат и додатоците за вознемиреност или несоница односно сите таблети што во составот  има валеријана, мелатонин и слични состојки за смирување.  Со 10 отсто ќе се даночат и сите мултивитамински препарати, каки и витамин Ц од 1.000 милиграми, како и целета лепеза препарати што ги содржат витамините Б, како и витамините Д и Е и магнезиумот и железото. Поскапуваат и препаратите што се користат за поддршка на работата на црниот дроб, простатата,  очите, како и ќесичките со електролити за третирање дехидратација.

    Меѓу производите забележавме дека мултивитаминските сирупи за дете чинат од над 200 денари до 1.000 денари,  а тие се трошат за 3 недели. Речиси и да нема витамин ДЗ под 300 денари, кој е неопходен за растот на децата. Нередовното земање на витаминот Д3 доведува до појава на рахитис, деформитети на зглобовите, лабавост на мускулите и несоодветен раст и развој.

    Во сите аптеки денеска се менуваа цените на над 500 производи за поддршка на имунитетот (Фото: СДК.МК)

    За споредба, родители на мали деца ни кажаа дека одат во Врање, во соседна Србија каде што  Д3 го купуваат за помалку од 120 денари.

    Пробиотик за трудница со новиот повисок данок чини над 1.000 денари, витамин Ц за возрасни над 800 денари.

    Иако адаптираното млеко останува со даночна стапка од 5 %, родителите на доенчиња кои користат адаптирано млеко ни изјавија дека ако досега 400 грама чинеше 580 денари, сега е 740 денари, а од 800 грама е поскапено од 1.100 на 1.200 денари. За бебе кое сè уште не почнало со цврста храма, едно пакување адаптирано млеко се троши за 3-4 дена.

    Владата не гледа ништо спорно во воведување на нов повисок данок на дел од прехранбените производи. Премиерот Димитар Ковачевски во саботата изјава дека и овој данок од 10 отсто со кој ќе се даночат сега дел од производите меѓу кои и додатоците за исхрана и подигање имунитет е со повластена стапка, бидејќи основниот данок на додадена вредност (ДДВ) е 18 отсто и е најниско во регионот.

    „„ДДВ во нашата држава е најмало во споредба со земјите од регионот и во Европската Унија. Ние имаме 18 отсто основна стапка на ДДВ, додека во Србија и Албанија е 20%, во Грција 21%, а во Хрватска 25%, што значи дека сите имаат повисока основна даночна стапка. Кога ќе ја видиме листата на повластени производи со 5 отсто данок, таму се 1.600 производи, што исто така претставува најголема листа на артикли од сите земји. Производите што ќе се даночат со 10 % и понатаму се со повластена стапка, односно се под основната стапка од 18 отсто.“, рече Ковачевски.

    Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска рече дека предвиденото зголемување на ДДВ кај одредени производи е дел од среднорочниот план за даночна реформа. Според него одредени продукти не треба да имаат повластена даночна стапка, а средствата што се собираат од зголемениот данок ќе одат за сервисирање на социјалните потреби на граѓаните.

    „Тоа е дел од среднорочен план за даночна реформа. Ниту една даночна реформа не може денеска да ја дефинирате и да кажете кој е ефектот, затоа на среден план и на долг рок тоа е нужно да се направи. Одредени продукти мора да се знае дека не треба да имаат повластена даночна стапка. Тоа се средства кои на крај завршуваат кај нашите граѓани за да се сервисираат социјалните потреби на граѓаните, тоа не се средства што се прибираат за да завршат во друг систем, во „бела палата“, рече Битиќи одговорајќи на новинарско прашање на настанот организиран од Владата „МК Економија-Довербата расте”.

    За новото поскапување на прехранбените производи како резултат на зголемувањето на данокот денеска реагираа и од Сојузот на синдикати на Макеоднија. Податоците на ССМ покажуваат дека вредноста на минимална кошничка за четиричлено семејство за месец септември изнесува 48.379 денари. Споредено со претходниот месец, минимална синдикална кошница е намалена за 966 денари, што, според ССМ, е резултат на загарантираните цени на прехранбените производи.

    „Со зголемувањето на ДДВ на истите тие производи, повторно ќе дојде до зголемување на вредноста на потрошувачката кошничка, односно претходната мерка на загарантирани цени на основните прехранбени производи нема да има никаков ефект. Затоа, ССМ бара од Владата сериозно да ја ревидира и коригира листата на производи кои се дел од секојдневието на граѓаните и за истите да ја врати стапката на ДДВ од пет проценти“, велат од ССМ.

    Оттаму, истакнуваат дека одлуката за определување стапка на ДДВ која ќе се зголеми од 5 на 10 отсто, е непромислена и несоодветствува на реалните состојби на сиромаштија и зголемени трошоци за живот кои се карактеристични за голем дел од населението, пред сè, поради ниските плати и над 120.000 вработени кои се на минималец.

    „Предлагаме ДДВ-то од 10 отсто да остане само за оние луксузни прехранбени производи кои се купуваат од мал број граѓани и се консумираат ретко. Доколку остане оваа листа на предложени прехранбени производи чиј износ на ДДВ се зголемува на 10 отсто, за луксуз ќе се сметаат и производи за секојдневна употреба како што се: сирењето, конзервирана храна, гриз, чај и друго“, додаваат од ССМ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира