На неколку локации низ земјава поставени се камери за рана откривање на пожари. Системот овозможува 24/7 мониторинг од Оперативниот центар на Центарот за управување со кризи (ЦУК), навремено откривање на чад и почетните знаци на пожар, како и брзо известување на надлежните институции за побрза и поефикасна интервенција.
„Камерите се со ротација од 360 степени, кои постојано го надгледуваат просторот и автоматски се насочуваат и запираат на точната локација веднаш штом детектираат чад или пламен. Вршат автоматско известување преку електронска пошта и порака до дежурниот Оперативен центар на ЦУК веднаш по детектирањето на чад или пожар“, велат од Центарот за управување со кризи.
Во наредниот период ќе биде воспоставен и звучен аларм во дежурниот Оперативен центар на ЦУК, кој ќе овозможи уште побрзо известување и реакција на надлежните служби. Благодарение на поставеноста на камерите на телекомуникациски столбови, се обезбедува голема територијална покриеност и значително намалување на трошоците за поставување на системот преку искористување на постојната инфраструктура.
„Ова е само почеток. Пилот-проектот ќе послужи како основа за воспоставување национален систем за рана детекција на шумски пожари, кој во иднина ќе придонесе за уште поголема безбедност, поефикасно управување со природните ризици и подобра заштита на населението и природните ресурси“, додаваат од ЦУК.



