Потпретседателите на СДСМ Перо Костадинов и Фатмир Битиќи веднаш по објавувањето на прелиминарните резултати од парламентарните избори си поднесоа оставка од партиските функции.
Битиќи побара тоа да го стори целото раководство.
„Како потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, обврзан на етички и демократски вредности, одлучив да поднесам оставка од функцијата потпретседател на партијата. Мојата оставка комплетно ќе се ефектуира кога останатите мои другари и другарки кои го сочинуваат партиското раководство ќе го направат истото – од првиот до последниот“, напиша Битиќи, кој беше и вицепремиер за економски прашања во владите на Димитар Ковачевски и на Зоран Заев.
Тој кажа дека оставката не претставува политички акт на пораз на социјалдемократската идеја, туку порака и предизвик за подобрување и преиспитување на СДСМ.
„Прифаќањето на политичка одговорност нема да биде знак на слабост, туку израз на лична и партиска демократска зрелост, како и подготвеност да се промениме и да растеме – и ставаме приоритет на колективниот интерес пред личните амбиции“, забележува Битиќи.
Костадинов не одговори на телефонскиот повик, но од партијата потврдија дека и тој си поднел оставка веднаш по пресот на Ковачевски, кој рече дека СДСМ по тешкиот удар на овие избори ќе свика конгрес на кој ќе се бира ново партиско раководство на непосредни избори.
За ова Битиќи напиша: „Оставката на раководството е неопходен чекор кон враќање на довербата на граѓаните и трасирање на патот кон иден политички успех“.
С. К. ДЕЛЕВСКА