Американскиот потпретседател Мајк Пенс напиша на Твитер дека се слушнал со грчкиот премиер Алексис Ципрас и му кажал дека заедно со македонскиот премиер Зоран Заев имаат историска шанса да го решат спорот за името и да промовираат мир и стабилност во регионот.
„Зборував со грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска. Му се заблагодарив за лидерството, заедно со македонскиот премиер Заев, за напорите кон решавање на долготрајниот спор за името. Историска можност. Се надевам дека двете страни можат да постигнат заемно прифатлив договор и да промовираат мир и стабилност во регионот“, твитна Пенс.
Вчера, по лидерската средба во Скопје, Заев кажа дека стои зад предлогот „Република Илинденска Македонија“ за севкупна употреба, додека од Кабинетот на Ципрас рекоа дека за Грција е прифатливо име со географска или временска одредница, какви што се предлозите на посредникот Метју Нимиц.