Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан го повикал лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да се вклучи активно и конструктивно во усвојувањето на предложениот закон за СЈО. Хан твитна дека на Мицкоски му кажал дека преостанатите разлики не изгледаат непремостливи и дека е потребно одговорно однесување, бидејќи се работи за иднината на земјата и на граѓаните.
„Го повикав лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски да се вклучи активно и конструктивно во усвојувањето на предложениот закон за СЈО. Преостанатите разлики не изгледаат непремостливи. Сега е потребно одговорно однесување: се работи за иднината на земјата и граѓаните!“, напиша на Твитер еврокомесарот, кој денеска е во посета на Скопје.
Претходно, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека на средбата Мицкоски и Хан разговарале за актуелната политичка состојба, закочените европски интеграции и политичкиот дијалог во земјава.
„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека немањето на волја за справување со корупцијата и сомнежите за криминал се гледа и во предлог законот на премиерот Заев за организирање на обвинителството каде наместо непристрасна борба против корупцијата се нудат решенија кои ќе бидат алатка за политички притисоци и заштита на криминалот. Мицкоски ги истакна забелешките на предлог законот за обвинителство посочувајќи дека ниту еден криминал не смее да остане имун на правдата и дека на тој план не се потребни компромиси“, се вели во партиското соопштение.