Со Предлог-Буџет за 2018 година, најголем досега и тежок 3,4 милијарди евра, повеќе пари во споредба со минатата година предвидено е да добијат Претседателот на РМ, Собранието и Владата. Од министерствата, повеќе пари на располагање ќе имаат Одбрана, Финансии, Економија, Животна средина, Транспорт и врски, Образование и наука, Здравство, Внатрешни работи и Информатичко општество и администрација. Министерствата за култура и за локална самоуправа ќе добијат помалку пари следната година, како и Агенцијата за млади и спорт, Јавното обвинителство и Секретаријатот за спроведување на рамковен договор.
Дефицитот во буџетот за 2018 година е проектиран на 2,7 отсто од БДП и ќе се финансира од домашно и надворешно задолжување, а со цел да биде пониско задолжувањето, како што велат од Владата, се зголемува акцизата на нафтата за три денари од 1 јануари 2018 година.
Наредната година државата планира да се задолжи вкупно 854.292.682 евра на домашниот и странскиот пазар. На домашниот пазар државата предвидува да се задолжи 287.804.878 евра, а на странскиот пазар 566.487.804 евра.
Со Предлог-буџетот се предвидува македонската економија следната година да има раст од 3,2 проценти, а стапката на инфлација да биде 1,7 проценти. Предлог-Буџетот е усвоен од Владата и е доставен во Собранието кое што треба, како што е најавено, да ја почне расправата во собраниските тела на крајот на месецов.