Пратениците од СДСМ, ДУИ и Алијанса, но без коалиционата ЛДП и без пратеничката Маја Морачанин, денеска со околу 55 гласови ги поминаа во прва фаза предложените законски измени на 8 закони со кои треба да се олесни изградбата на автопатите од Коридорот 8 и Коридорот 10.
На почеток, предлагачите – група пратеници од ДУИ, го повлекоа Предлог-законот за заштита на културно наследство.
Во салата не беа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска во првата фаза поминаа Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка; Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за шумите, по скратена постапка; Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација, по скратена постапка; Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за урбанистичко планирање, по скратена постапка; Предлог на закон за дополнување на Законот за земјоделско земјиште, по скратена постапка; Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка;
Предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка; Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини, по скратена постапка.
По изгласувањето на потребата за носење на овие закони по итна постапка, ќе се формираат комисии, па расправата кусо ќе оди таму. Потоа пак се враќаат на гласање во пленарната сала.
Автопатиштата се вредни 1,3 милијарди евра, а ќе ги гради „Бехтел и Енка“.
С. К. ДЕЛЕВСКА