ПОЖАРОТ НА МАТКА ИЗГАСНАТ, ГОРИ НА ЖЕДЕН, ВО МОРАНЕ И СТУДЕНИЧАНИ

    ПОЖАРОТ НА МАТКА ИЗГАСНАТ, ГОРИ НА ЖЕДЕН, ВО МОРАНЕ И СТУДЕНИЧАНИАвионите од Дирекцијата за заштита и спасување се ангажирани на гасење на пожарот во Македонски брод, така што на Жеден гасат само екипи на Противпожарната бригада. - Ер Трактор во акција (архивска фотографија)

    Во Скопје во моментов има три активни пожари. Гори сува трева и грмушки на планината Жеден, мешана шума кај селото Моране и деградирана шума и трева во атарот на село Студеничани. Пожарот што вчера попладне изби на Матка е изгаснат, а екипи на Противпожарната бригада на Скопје во моментов прават последни контроли да не останало нешто недоизгасено.

    „Пожарот на Матка го изгаснавме во пет часот утрово. Спречивме огнот да се рашири кон Водно, односно кон боровата шума. Точни податоци колкава површина беше зафатена немаме, но според проценките е дека се работи за два хектари. Ноќеска во три по полноќ добивме дојава за пожар во околината на село Моране каде гори мешана чума, а две екипи се ангажирани и на гасење на почарот на планината Жеден каде е и изворот за вода Рашче. Исто така има пожар и во атарот на село Студеничани, каде гори деградирана шума веќе два дена“, вели Звонко Томевски, командант на Противпожарната бригада на Скопје.

    Тој објаснува дека огнот на Жеден го гасат нивните екипи рачно, бидејќи теренот е непристапен и до таму не можат да стигнат со возило. Според него, тешко пристапно е и на подрачјето на село Моране и село Студеничани.

    „Во моментов авионите од Дирекцијата за заштита и спасување се ангажирани на гасење на пожарот во Македонски брод, така што на Жеден гасат само нашите екипи. Колку овие пожари сами настанале, а колку се намерно запалени не можам да кажам. Но, за Моране дојавата ја добивме во три по полноќ кога нема сонце“, вели Томевски.

    Тој објаснува дека Бригадата за противпожарна заштита на Скопје за седум месеци од оваа година изгаснала 1.016 пожари, а лани за цела година во Скопје имале 1.117 интервенции.
    „Годинава имаме многу повеќе пожари од лани. Засега успешно одговараме на сите повици“, вели Томевски.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира