ПРАТЕНИЧКАТА И ЕКСМИНИСТЕРКА ЗА ОДБРАНА СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА БАРА МВР ДА ЈА ЗАШТИТИ ОД СЛЕДЕЊЕ И ЗАКАНИ

    ПРАТЕНИЧКАТА И ЕКСМИНИСТЕРКА ЗА ОДБРАНА СЛАВЈАНКА ПЕТРОВСКА БАРА МВР ДА ЈА ЗАШТИТИ ОД СЛЕДЕЊЕ И ЗАКАНИДали сторителите на вчерашното убиство во сред бел ден во центарот на Скопје се двајца осудени криминалци кои наместо да се во затвор, биле на слобода и дали е точно дека по нив е распишана потерница пред повеќе од 30 дена?“, прашува Петровска, и покрај јавните закани кон неа. (Фото: СДК.МК)

    Закани по живот и навреди на социјалните мрежи под псевдоним беа објавени денеска откако доскорешната министерка за одбрана, сега пратеничка од СДСМ, Славјанка Петровска јавно праша дали убијците кои вчера пред „Мавровка“ во Скопје застрелаа човек се тешки криминалци пуштени неодамна од затвор. Поради тоа, таа вечерва побара од Министерството за внатрешни работи (МВР) да ја заштити од тие кои ја следат, фотографираат и ѝ се закануваат.

    На социјалната мрежа Икс, поранешен Твитер, беа објавени фотографии од Петровска како го шета своето куче во близина на нејзиниот дом со коментари дека следниот пат ќе ја фрлат по скали.

    Управата за извршување на санкции и МВР не одговараат на прашањето на пратеничката дали убијците се пуштените или избеганите од затвор, по кои е распишана потерница. Не е објавено кои се убијците на човекот од Скопје, кои се обиделе да ја убијат и неговата сопруга, а кои по убиството при бегството пукале и врз полицајци.

    „Ме сликате, ме следите и се заканувате. Претходно не ме критикувавте за работењето туку ме омаловажувавте, навредувавте и клеветевте. Но јас криткував и ќе продолжам. Тоа ми е должност. Како што е должност на МВР да провери кој следи народен пратеник, доскорeшен министер за одбрана, односно жена додека го шета својот миленик и згора на сè објавува фотографии на социјални мрежи, и се заканува“, му се обрати вечерва таа на МВР.

    Петровска по зачестените пукања во Скопје и во други градови претежно во западниот дел на Македонија, вели дека главниот град не е безбеден.

    „Скопје 7 месеци по преземањето на МВР од страна на ДПМНЕ е небезбеден град. Христијан, наместо да ме замолчуваш со притисоци од ваков тип, одговори ѝ на јавноста: Дали сторителите на вчерашното убиство во сред бел ден, во центарот на Скопје се двајца осудени криминалци кои наместо да се во затвор, биле на слобода и дали е точно дека по нив е распишана потерница пред повеќе од 30 дена?“, го прашува Петровска премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

    Потсетува дека во тоа време обврската за наоѓање и враќање во затвор е на Министерството за внатрешни работи.

    „Ако биле во затвор, каде што и требало да бидат, немаше да го извршат вчерашното убиство. Значи, да го повториме прашањето: Дали сторителите на вчерашното убиство сред бел ден, во центарот на Скопје, се двајца осудени криминалци кои наместо да се во затвор, биле на слобода и дали е точно дека по нив е распишана потерница пред повеќе од 30 дена?“, упорно прашува таа.

    „Патем, ќе поднесам пријава до МВР и да видиме каков пристап ќе има МВРО-ВМРО во случајот за тоа што ме следат и ми се закануваат“, најави пратеничката Петровска.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира