Претседателот на Собранието Талат Џафери за 11 часот ја закажа седницата на која ќе се расправа за потребата од ратификување на договорот за решавање на спорот за името со Грција по скратена постапка.
Бидејќи владиниот предлог закон за ратификација на договорот со Грција носи европско знаме, расправата наместо во собраниската Комисија за надворешна политика, каде претседател е пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски, ќе се оддржи во Комисијата за европски прашања, раководена од пратеникот на ДУИ, Артан Груби.
Милошоски вчера обвини дека владата ја злоупотребува својата позиција со ставање на европско знаме на предлог-законот, а претседателот на Собранието Талат Џафери го крши собранискиот Деловник, бидејќи според него, надлежна за ратификација на меѓународни договори била Комисијата за надворешна политика а не за европски прашања.
По изгласувањето потреба од донесување на предлог-закон за ратификација на договорот што го склучија премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас за решавање на спорот за името, расправата сели во собраниската Комисија за европски прашања.
Бидејќи предлог-законот за ратификација на договорот со Грција се носи со европско знаме, дискусиите во собраниската Комисија за европски прашања, според Деловникот, траат три дена, по што договорот ќе се најде на пленарна седница со евентуално прифатени амандмани. Гласањето за договорот со Грција се носи со просто мнозинство од 61 пратеник.
Владата го достави вчера до Собранието, Предлог на закон за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страните по скратена постапка.
Со овој договор името на земјава ќе биде Република Северна Македонија за севкупна употреба, со македонски јазик и македонска националност.
Според Договорот за решавање на спорот за името со Грција, договорот станува валиден кога ќе биде ратификуван од парламентите на двете земји.
По уставните промени, кои ќе следат по евентуален успешен референдум, договорот се ратификува во парламентот во Грција. При тоа ќе се ратификува и договорот за името, но и протоколот за полноправно членство на Македонија во НАТО. Оттогаш почнува меѓународната употреба на новото име.
На 28 јуни годинава, Македонија треба да добие датум за почеток на преговорите со Европската унија,
На 12 јули на самитот на НАТО Македонија да добие покана за членство во алијансата како нејзина 30. членка.
Ратификацијата во парламентот е услов што треба да го исполнат македонските власти, за потоа грчката страна да ги извести ЕУ и НАТО дека е надмината најголемата пречка за продолжување на интеграцискиот процес на Македонија. Во овој случај, битно е тоа да се случи пред почетокот на самитот на Европскиот совет на крајот на месецов, со оглед на очекувањата нашата земја да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.
Г. ТРПЕНОСКИ