ПРАТЕНИЦИТЕ НЕ ГО СПРОВЕДОА ДОГОВОРОТ МЕЃУ ЗАЕВ И МИЦКОСКИ ОД ЛИДЕРСКАТА СРЕДБА

    ПРАТЕНИЦИТЕ НЕ ГО СПРОВЕДОА ДОГОВОРОТ МЕЃУ ЗАЕВ И МИЦКОСКИ ОД ЛИДЕРСКАТА СРЕДБАРаботните групи во Собранието ги усогласуваа Законот за финансирање на партиите, составот на Државната изборна комисија и Законот за Влада. - Од лидерската средба во Клубот на пратеници (Фото: К. Попов)

    Иако лидерите се договорија на средбата во Клубот на пратениците, договор во Собранието нема. Претседателот на Собранието Талат Џафери не закажа седница, а по неколку часа разговори, партиските работни групи не стигнаа до договор. Неофицијално, извори од владејачкото мнозинство велат дека ВМРО-ДПМНЕ инсистира на промена на Кривичниот законик во делот за Злоупотреба на службена положба и овластувања, кривично дело за кое што се обвинети поранешни функционери од партијата.

    Работните групи во Собранието ги усогласуваа Законот за финансирање на партиите, составот на Државната изборна комисија и Законот за Влада, односно пред секои избори да има техничка влада според пржинскиот модел.

    Официјално, никој од партиите не соопштува зошто не се одржа седница за да се изгласа она што беше договорено на лидерската средба. Разговорите продолжуваат наредните денови, а Џафери ги чека работните групи да завршат со работа за да закаже седница.

    По лидерската средба, премиерот Зоран Заев кажа дека иако нема договор за референдумот, ќе се почитува договореното за законите за влада и за финансирање на партиите, како и за изборот на ДИК. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, рече дека власта ги прифатила нивните барања.

    „Предлог измените на Изборниот законик во Собранието за начинот на избор на Државна изборна комисија се повлекуваат. Останува стариот модел на гласање на составот на ДИК со двотретинско мнозинство. ВМРО-ДПМНЕ доби гаранции за измена на Законот за Влада, според кои на 100 дена пред избори отсега натаму на сите избори во Македонија, без разлика дали ќе бидат предвремени или во редовен термин ќе се воспостави концептот на Пржинска влада. На тој начин опозицијата ќе се чувствува комотно“, изјави Мицкоски.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира