Пратениците од понеделник ја почнуваат кампањата за референдумот закажан за 30 септември. Денес е закажана последната седница на Собранието, пред одржување на референдумот.
Претседателот Џафери рече дека доколку има потреба, може да се закаже и други седници по итна постапка.
„Самото прашање ‘Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на договорот меѓу Република Македонија и Република Грција?’, во себе ја носи стратешката определба за која се залага секој претставник на граѓаните од осамостојувањето до денес“, рече претседателот на Собранието Талат Џафери на денешната-прес-конференција.
Џафери во име на координативното тело ги повика сите учесници во кампањата да се однесуваат соодветно, коректно и достојно со цел граѓаните на 30 септември да ја донесат вистинската одлука.
„Денес сме тука како координативно тело да ја информираме јавноста дека како овластени носители на кампањата, ќе ја водиме, транспарентно, непосредно и директно, без дискриминација, предрасуди и почитување на волјата на граѓаните. Наша цел е детално да ги информираме граѓаните за големата слика, за придобивките од нашето членство во НАТО и ЕУ, кое не подразбира само заштитени граници, заедничка надворешна политика и отворени патишта за нашите граѓани, туку членството подразбира повеќе странски инвестиции, работни места, повеќе можности за образование, а истовремено и целосно владеење на правото, правната држава, како и реформите во судството“, рече Џафери.
Претседателот на Собранието Џафери потенцираше дека пратениците за медиумска кампања нема да добијат пари, туку Собранието ќе исплати средства само за медиумски закуп во некои од 65-те медиуми кои доставиле ценовник до Државната изборна кампања. Медија планот, ќе биде објавен на веб страната на Собранието
„Пратениците по личен избор ќе можат своите референдумски ставови да ги претставуваат во своите изборни единици, и нема пречка да се вклучат во кампањата и други претставници на владата и партии, но тие средства мора да бидат од сопствени средства“, рече Џафери.
Г. ТРПЕНОСКИ