ПРАТЕНИЦИТЕ ОДАТ ВО НАДЗОР НА АГЕНЦИИТЕ ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ И ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ

    ПРАТЕНИЦИТЕ ОДАТ ВО НАДЗОР НА АГЕНЦИИТЕ ЗА НАЦИОНАЛНА БЕЗБЕДНОСТ И ЗА РАЗУЗНАВАЊЕСо седницата претседаваше заменик-претседателот Блерим Беџети, а ни тој, ниту претседателот Скендер Реџепи немаат безбедносен сертификат, па и тие со членовите кои не поседуваат таков сертификат нема да може да ја посетат АНБ. (Фото: К. Попов)

    Пратениците од Комисијата за надзор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и на Агенцијата за разузнавање (АР), попладнево ќе извршат надзорна посета на АНБ, а утре и во АР, беше одлучено на комисиската седница, со која ја претседаваше заменик-претседателот Блерим Беџети. Ниту тој, ниту претседателот Скендер Реџепи, немаат безбедносен сертификат, па и тие со членовите кои не поседуваат таков сертификат нема да може да ја посетат АНБ. За предлогот гласаа сите, освен Јована Мојсоска од Левица, која вели дека веќе шест месеци чека одговор на барањето за издавање безбедносен сертификат.

    Ако АНБ оцени дека некои од споделените информации се класифицирани, тие нема да бидат достапни за јавноста. Седницата беше свикана по иницијатива на пратеникот Љупчо Пренџов, откако на 29 август беше објавено дека АНБ во периодот од 2019 до 2024 година го прислушувала тогашниот опозициски лидер на ВМРО-ДПМНЕ и сегашен премиер Христијан Мицкоски, како и новинари и бизнисмени. Директорот на АНБ, Бојан Христовски, изјави дека целата документација е предадена на Обвинителството, а премиерот Мицкоски повеќепати побара Обвинителството да постапи по случајот.

    Од опозициската СДСМ инсистираат на декласификација на документите.

    Премиерот Мицкоски во говорoт на свечената академија по повод 8 Септември, Денот на независноста, се осврна и на наводите за нелегалното прислушување и злоупотреба на системот и кажа дека одговорност мора да има и оти „оваа работа нема да се стави под тепих“.

    „Вистинското прашање е како да ги спречиме злоупотребите и повеќе ова да не се повтори. Тоа ќе се случи само и само кога ќе има одговорност. А одговорност мора да има. Сите материјали од институциите и сознанија за незаконското следење се предадени на обвинителството. Ги знаеме нивните слаби капацитети и за жал ниската доверба во нив, но овој случај ќе го следиме одблиску и само да знаат дека оваа работа нема да се стави под тепих. Ова е прашање на опстојување на државата. И тука сакам да подвлечам: не е прашањето дали ќе се декласифицираат материјалите-тоа е сосема ирелевантно и на таквите работи гледам како на страв и паника на оние кои повикуваат на такво нешто, и како на изговор за дефокусирање од вистинските дилеми. А да не зборувам што со тоа се разоткрива и расклинкува цел еден оперативен систем“, рече Мицкоски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира