Премиерот Зоран Заев се јавил во Министерството за правда да праша дали одлуките на Основниот суд Скопје 1 да ги пушти од куќен притвор двајцата пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, се поврзани со неговиот повик за помирување за време на дебатата за уставните измени во Собранието. Му било кажано дека тие си имаат обезбедено гаранција и се редовни на рочиштата за судењето за нападот во Собранието 27 април лани, па судот одлучил да им биде укинат куќниот притвор.
„Јас разговарав со Министерството за правда да прашам дали е тоа поради мојот повик за помирување што го испратив. Дефинитивно луѓето си имаат обезбедено гаранција, тоа го потврдија, заради тоа што двајца пратеници од петте, долго време се бранат од слобода и се редовни на рочиштата, веројатно соодветните гаранции коишто сега се поднесени во ваква фаза од самиот процес, судот одлучил тоа да се случи. Не ги знам ставовите на обвинителството и на судовите. Но, мене ми е драго што луѓето што излегуваат од притвор. Зошто, заради тоа што од самиот момент мојот апел беше, не треба секогаш притворот да биде последна мерка за да се обезбеди присуство на судењето. Премногу притвори видовме во Република Македонија во минатото. Јас верувам дека треба да се посегнува и по други поолеснителни мерки, и драго ми е. Ако може и ако се случија, тоа зависи сега од судските постапки, да дебатираме сите во парламентот, тоа ќе биде уште подобро. Гледам од историски аспект за Македонија, да бидат и сите пратеници, и она што не губам надеж кај мене, дефинитивно е надежта да смогнеме сили сите и да ‘изнедриме’ енергија, храброст, љубов кон татковината и да обезбедиме двотретинско мнозинство во парламентот“, изјави Заев, одговарајќи на новинарско прашање за време на одбележувањето на 20-годишнината на штедилница „ФУЛМ“ во струмичко Муртино.
- ДА СИ ПРОСТИМЕ, ДА ПОЧНЕМЕ ОД 27 АПРИЛ И ДА ТРГНЕМЕ КОН ЕУ И НАТО, ГИ ПОВИКА ЗАЕВ ПРАТЕНИЦИТЕ ОД ВМРО-ДПМНЕ ДА ГЛАСААТ ЗА УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ
- СИТЕ ОБВИНЕТИ ПРАТЕНИЦИ ОД ВМРО-ДПМНЕ ЗА 27 АПРИЛ ОСЛОБОДЕНИ ОД КУЌЕН ПРИТВОР, ОСВЕН КРСТО МУКОСКИ
Од петтемина пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата обвинети за 27 април, во куќен притвор е уште Крсто Мукоски, кој чека одлука по неговата жалба од Апелациониот суд. На слобода се Василевски, Арнаудов, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски.
В. ТРАЈКОВ