ПРАТЕНИЦИТЕ ТРЕБА ДА ГИ УСВОЈАТ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ДА ОДИ ЗЕМЈАТА НАПРЕД, ВЕЛИ АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДОРКА АГЕЛЕР

    ПРАТЕНИЦИТЕ ТРЕБА ДА ГИ УСВОЈАТ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ ЗА ДА ОДИ ЗЕМЈАТА НАПРЕД, ВЕЛИ АМЕРИКАНСКАТА АМБАСАДОРКА АГЕЛЕРУспешната иднина на оваа земја лежи во европските интеграции, вели амбасадорката Агелер. (Фото: СДК.МК)

    Усвојувањето на уставните измени не е баш омилен и популарен чекор, но е неопходен чекор напред, вели американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер. Таа смета дека пратениците треба да ги усвојат уставните измени за да има напредок во земјата.

    „Знам дека е тешко, но треба да се усвојат уставните измени што знам дека не е баш омилен и популарен чекор, но е неопходен за чекор напред. Пратениците треба да гласаат за уставните промени, за државата да може да се придвижи напред со дискусиите и процесот за интеграција и пристапување кон ЕУ. Според мене, тоа е клучно, бидејќи таму лежи успешната иднина на оваа земја“, рече Агелер, одговорајќи на прашања на панел дискусијата „Ајде да зборуваме за предизвиците и иднината на Северна Македонија“ во Гостивар.

    Исто така денеска, претседателот на Собранието Талат Џафери најави дека постапката за уставни измени би требало да започне најдоцна во јуни-јули годинава и да заврши до ноември, кога е предвидено и да заврши скринингот на ЕУ. Уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот се услов за продолжување на пристапните преговори со ЕУ по завршување на скринингот.

    На денешниот брифинг со новинарите, Џафери рече дека избори нема да помогнат да се обезбедат 80 гласови за уставните измени, туку, напротив, ќе ја искомплицираат работата. Тој смета дека проблемот може да се надмине ако седнат да разговараат власта и опозицијата.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира