ПРАВИМЕ АНАЛИЗИ ДАЛИ Е ИСПЛАТЛИВО ФОРМИРАЊЕ НА ДОМАШНА АВИОКОМПАНИЈА, РЕЧЕ СУГАРЕСКИ

    ПРАВИМЕ АНАЛИЗИ ДАЛИ Е ИСПЛАТЛИВО ФОРМИРАЊЕ НА ДОМАШНА АВИОКОМПАНИЈА, РЕЧЕ СУГАРЕСКИ „Јас немам намера да градам лични односи со економските оператори кои учествуваат на јавните повици кои ги распишува Министерството за транспорт и врски“, рече министерот Горан Сугарески (Фото: СДК.МК)

    Владата прави анализи дали е исплатливо да се формира домашна авиокомпанија, кажа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески одговарајќи на новинарско прашање.

    „Минатиот период се правеле анализи и се покажало дека формирање на домашен авиопревозник не е исплатливо. Правиме нови анализи врз основа на кои ќе видиме дали тоа е исплатлива опција. Земени се како пример земји во регионот, како што е Србија каде авиопревозникот функционира по принципот јавно-приватно партнерство“, рече Сугарески.

    Министерот Сугарески ги оквалификува како шпекулации информациите во јавноста дека Владата намерно ја поништила постапката за субвенционирање на нискобуџетни компании и најави дека за неколку дена ќе биде распишан нов јавен повик.

    „Не е точно дека Владата намерно ја поништила постапката. Евтини летови ќе има и понатаму. Има закони и процедури кои мора да се почитуваат. Единствената понуда на јавниот повик беше доставена без да биде наведен точниот назив и адреса на фирмата. Јас немам намера да градам лични односи со економските оператори кои учествуваат на јавните повици кои ги распишува Министерството за транспорт и врски“, рече Сугарески.

    Прес конференцијата на министерот Горан Сугарески доаѓа откако вчера нискобуџетната унгарска компанија Визер соопшти дека „од оперативни причини“ ги укинува во зимскиот ред на летање линиите од Скопје за Баселона и за Векшо и од Охрид за Лондон – Лутон.

    Во јуни годинава истече договорот на „Визер“ кој беше потпишан со претходната влада и оттогаш за летовите оваа компанија не добива субвенции.  Летово компанијата понуди и зголемен број седишта, бидејќи од четирите авиони стационирани на Скопскиот аеродром, два се од  типот „ербас А321“ со 230 седишта, наспроти основната верзија со која до сега оперираше компанијата „А320“ со 180 седишта.

    Поддршката од буџетот за унгарскиот превозник се движеше од 25.000 до 40. 000 евра по новоотворена линија плус од 9 до 13 евра по заминат патник од македонските аеродроми. Погодностите кои „Визер“ ги добиваше од компанијата што управува со македонските аеродроми „ТАВ“ никогаш не беа објавени, иако другите редовни превозници што не летаат по системот на нискобуџетни компании реагираа на ценовникот за услуги на концесионерот.

    „Визер“ според вчерашното соопштение продолжува да лета на 30 дестинации од Скопје, а во зимскиот ред воведува нова линија Охрид – Виена.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира