ЗА БАРСЕЛОНА ЌЕ СЕ ЛЕТА САМО ВО ЛЕТО, ВЕЛАТ ОД „ВИЗЕР“

    ЗА БАРСЕЛОНА ЌЕ СЕ ЛЕТА САМО ВО ЛЕТО, ВЕЛАТ ОД „ВИЗЕР“Откако денес беше објавено дека компанијата од зимската сезона нема да лета за Барселона, Лондон и Векшо, попладневно од „Визер“ објаснија дека летовите не се целосно укинати, односно дека ќе се лета и на овие дестинации, но само преку лето.(Фото: Визер)

    „Визер“ ќе лета само во летната сезона за Барселона и Векшо од скопскиот аеродром и за Лондон од охридскиот, велат од унгарската нискобуџетна авиокомпанија. Откако денес беше објавено дека компанијата од зимската сезона нема да лета за Барселона, Лондон и Векшо, попладневно од „Визер“ објаснија дека летовите не се целосно укинати, односно дека ќе се лета и на овие дестинации, но само преку лето.

    „Вообичаена пракса во авионската индустрија е фреквенциите на летовите да се менуваат според патните периоди и перформансите на рутите. ’Визер‘ постојано ги следи перформансите на своите рути за да овозможи најпопуларните дестинации да имаат најниски цени. Рутите од Скопје до Векшо и Барселона како и од Охрид до Лондон-Лутон се оптимизирани според барањата на пазарот и ќе бидат функционални само во летната сезона. Наскоро, авиокомпанијата ќе го објави летниот распоред за 2019 година и патниците ќе можат веќе да ги планираат своите патувања и да ги резервираат своите карти“, велат од „Визер“.

    Нискобуџетната унгарска компанија лета од Македонија седум години и досега има превезено 4,6 милиони патници. Од 2011 година откако „Визер“ почна да лета од земјава, добива субвенции од Владата и тоа од 25.000 до 40. 000 евра по новоотворена линија плус од 9 до 13 евра по заминат патник од македонските аеродроми.

    Договорот за субвенционирање на „Визер“ со Владата истече во јуни. Минатата недела беше поништен јавниот повик за субвенционирање на нискобуџетни компании, а министерот за транспорт и врски Горан Сугарески денеска изјави дека нов повик ќе биде објавен наредната недела и дека Владата има предвидено пари за оваа намена и помошта за нискобуџетни компании ќе продолжи во иднина.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари