ПРАВОСУДСТВОТО НЕ Е ВО ТАКА ЛОША СИТУАЦИЈА, ВО МОМЕНТОТ НЕ ГЛЕДАМЕ ПОТРЕБА ЗА ВЕТИНГ, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ЖБОГАР

    ПРАВОСУДСТВОТО НЕ Е ВО ТАКА ЛОША СИТУАЦИЈА, ВО МОМЕНТОТ НЕ ГЛЕДАМЕ ПОТРЕБА ЗА ВЕТИНГ, ВЕЛИ ЕВРОАМБАСАДОРОТ ЖБОГАРЕвроамбасадорот Жбогар вели дека има многу начини да се подобри правосудството, а на ветингот треба да се гледа како последно прибежиште. (Фото: СДК.МК)

    Евроамбасадорот Самуел Жбогар кажа дека ситуацијата во правосудството не е така лоша и има други начини правосудството да се подобри, пред сѐ, од внатре и не гледа потреба за ветинг на судии и обвинители во моментов, одговарајќи на новинарско прашање за повикот на премиерот Зоран Заев Европската унија да помогне.

    „Нашата позиција за ветингот е јасна. Мислам дека ние преферираме да се користат сите други елементи за да се подобри правосудството, кое на крајот на денот и не е во така лоша ситуација во земјата. Има многу начини да се подобри правосудството, пред сѐ, од внатре. Правосудството треба да се саморегулира. Секако, ние можеме да дадеме поддршка еден од проектите е следење на случаите на висока корупција во судовите и тоа ќе го правиме следната година и мислам дека тоа ќе помогне да се подобри ситуацијата. Ветингот секогаш е последната опција и за ветинг треба да се исполнат извесни услови, како консензус на сите политички актери. На ветингот го гледаме како последно прибежиште и во моментов не гледаме потреба за тоа. Сепак одлуката секогаш е на земјата“, изјави Жбогар по средбата со претседателот на Уставниот суд Сали Мурати.

    Заев, во видеообраќање на 1 декември, кажа дека правосудството остана последна тврдина на „заробената држава“, под контрола на одреден број судии и обвинители на моќни позиции. Тој тогаш ја повика Антикорупциската комисија да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите и да утврди конфликти на интереси. На вчерашната партиска трибина „На прав пат“, тој пак ги повика Антикорупциската комисија, УЈП, МВР и другите надлежни институции да го испитаат потеклото на имотот на судиите и обвинителите и нивните семејства.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира