ПРАВОТО НА МАЈЧИНСТВО НЕ Е РАБОТА НА СУДИИ, ПОПОВИ, ОЏИ И ПОЛИТИЧАРИ, НАШЕ Е ДА СОЗДАДЕМЕ УСЛОВИ ЗА БЕЗБЕДЕН АБОРТУС, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ

    ПРАВОТО НА МАЈЧИНСТВО НЕ Е РАБОТА НА СУДИИ, ПОПОВИ, ОЏИ И ПОЛИТИЧАРИ, НАШЕ Е ДА СОЗДАДЕМЕ УСЛОВИ ЗА БЕЗБЕДЕН АБОРТУС, ВЕЛИ ФИЛИПЧЕ„Наше е да обезбедиме безбеден абортус“, вели министерот за здравство Венко Филипче на Комисијата за здравство (Фото: К. Попов)

    На јавната расправа за измени на Законот за прекин на бременоста во Собранието, министерот за здравство Венко Филипче во воведното обраќање кажа дека мајчинството е ексклузивно право на жената и дека таа одлучува, кога и како ќе роди и колку деца ќе роди.

    „Ова не е работа ниту на судии, попови, оџи и политичари. Не е наша работа да копаме и зошто ја натерало да направи абортус“, рече Филипче.

    Со законските измени се укинуваат административните бариери, односно чекање од три дена по советувањето, една година меѓу два абортуси, како и обврската при ехосонографскиот преглед да ги слушаат срцевите тонови на бебето, што може да влијае на нејзината волја.

    Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет, рече дека со измените на законот се олеснува пристапот до безбеден абортус и кажа дека му заблагодарува на Собранието што не дозволило на јавната расправа да дојдат претставници од верските заедници, кои не биле поканети на расправата, а сакале да влезат.

    „Овде се носат световни закони, а не верски и ова е секуларна држава“, рече Пировска.

    Претседателката на Комисијата за здравство Мирсаде Емине Aсани рече дека претставниците на верските заедници имаат право да го кажат свoето мислење и дека религија и верата се лично право, но не непоканети во законодавниот дом.

    Пратеничката Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ кажа дека ќе ги поддржи измените на законот, бидејќи претходното решение за кое таа не гласала, оти не била пратеничка, негативно се одразило врз здравјето на жените. Таа рече дека според информациите што ги има зголемен е бројот на нелегални абортуси, како и тоа дека жените одат во странство да абортираат.

    Д-р Глигор Тофовски, од Здружението на гинеколози, кажа дека многу е важно да се укинат драконските казни за гинеколозите кои вршат прекин на бременоста и на оние кои одлучуваат во комисиите, а да се воведат казни за оние што прават нелегален абортус. Според него, важно е жената да добие соодветно советување за планирање на семејството и пристап до едно контрацептивно средство.

    Со законските измени абортус до 12 недела се прави на барање и со согласност на жената, од 12 до 22 гестациска недела на барање на жената, по медицински индикации тогаш жената не оди на комисија. Лекарот може да бара совет и мислење од друг колега. По 22 недела се поднесува барање до првостепена комисија која е составена од 2 гинеколози и еден социјален работник, а потоа има право на жалба.

    Е. БОЧВАРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари