ПРЕДИЗВИК НИ Е ДИГИТАЛИЗИРАЊЕТО И НАМАЛУВАЊЕТО НА ЛИСТИТЕ НА ЧЕКАЊЕ ЗА ОПЕРАЦИИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО

    ПРЕДИЗВИК НИ Е ДИГИТАЛИЗИРАЊЕТО И НАМАЛУВАЊЕТО НА ЛИСТИТЕ НА ЧЕКАЊЕ ЗА ОПЕРАЦИИ, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗДРАВСТВО„Проблемот со листите за интервенции е долгогодишен и е високо во приоритетите на Министерството за здравство во рамки на комплексниот процес на унапредување на дигитализацијата на повеќе нивоа“, вели Таравари. (Фото: К. Попов)

    Проблемот со листите за интервенции е долгогодишен и токму транспарентните листи на чекање и намалување на истите е еден од поголемите наши предизвици, вели Министерството за здравство.

    Одговорот од Министерството стигна денеска откако вчера САКАМДАКАЖАМ.МК го објави текстот „Немањето транспарентен систем за закажување операции е рај за корупција, велат хирурзите за реакциите на граѓаните дека термин во јавното здравство се наоѓа само приватно“.

    Во болниците од јавното здравство со години се чека за операции, со месеци за контролни прегледи, но ако пациентот плати да се оперира приватно во државните болници, веднаш се наоѓа термин, велат граѓаните. Но според хирурзи со кои разговаравме, еден од проблемите во македонското јавно здравство е што ниту една болница нема служба за односи и комуникации со пациентите која би ги закажувала операциите, па пациентите директно комуницираат со докторите, хирурзите и другите здравствени работници.

    „Четири години чекам термин за операција на катаракта, нема термин. Жално и тажно во 21. век“. „ Во 2023 на сестра ми ѝ закажаа операција на жолчка за 2025. Што е многу многу е“. „За операција на перде две и пол години чекаме и уште не е опериран пациентот“. „За една банална операција од 15 минути не ме викнаа на операција никогаш“. „Една година чекам за операција на жолчка“. „На 1 ноември ми закажаа термин за физикална терапија за на 9 јуни 2025“.

    САКАМДАКАЖАМ.МК пред две недели испрати прашања во Министерството за здравство до каде е процесот со дигитализација на хируршките листи, дали Министерството планира да преземе мерки и конкретни решенија за да се надмине овој проблем за дигитализација и систем, служба за комуникација на болниците со пациентите, а одговор стигна денес, ден по објавувањето на текстот.

    „Заложбата и интенцијата на ова раководство на Министерство за здравство е унапредување на дигитализацијата на неколку нивоа во здравствениот систем меѓу кои и транспарентност на листите на чекање.
    Проблемот со листите за интервенции е долгогодишен и е високо во приоритетите на Министерството за здравство во рамки на комплексниот процес на унапредување на дигитализацијата на повеќе нивоа.
    Токму транспарентни листи на чекање и намалување на истите е еден од поголемите предизвици кои како Министерство ни се мапирани и активно работиме на исполнување на ова ветување во владината програма“, велат од кабинетот на министерот Арбен Таравари.

    Според извештајот на Европската комисија, кој беше претставен на 30 октомври, здравството е еден од најголемите корисници на националниот буџет, а инспекциските служби се ранливи на корупција, како и дека нема ефективни критериуми за означување цени на здравствени услуги или лекови. Во извештајот за напредокот на Македонија, меѓудругото стои и дека процедурите за лекување во странство не се ниту транспарентни, ниту објективни. Трошоците за здравство од сопствен џеб се високи, што е бариера за еднаков пристап до здравството.

    Иако примарното здравство во Македонија е обезбедено бесплатно, ЕК наведува дека неговото финансирање е значително под просекот на Европската Унија. Опсегот на здравствените услуги и нивната достапност, особено специјалистичките медицински услуги и нивната географска дистрибуција, според извештајот, се несоодветни.

    Од ЕК потсетуваат дека медицинските работници продолжуваат да го напуштаат јавното здравство за приватниот сектор или за да работат во странство. Се напоменува и тоа дека и покрај постоењето на апликацијата „е-здравство“, упати сѐ уште се даваат на хартија.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира