Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески ги повика сите парламентарни политички партии да ја потпишат Декларацијата на Стопанската комора од 14 јули 2022 година, бидејќи смета дека на тој начин сите релевантни општествени чинители би се согласиле дека во наредните 10 години приоритет ќе има економијата. Досега, вели тој во неговата најнова колумна, Декларацијата ја потпишаа над 300 компании членки, МАНУ, сите државни универзитети и сите релевантни бизнис асоцијации и со неа се нудат решенија за излез од неповолните состојби во економијата.
„Ваквите неповолни состојби во економијата во значаен дел се должат на нефункционирањето на правната држава, непочитувањето на пазарните законитости, политизацијата и доминација на партиските над државните интереси“, вели Азески.
Тој потсетува дека за 31 година македонската независност, економијата има раст на БДП од 1,7 отсто, а јавниот долг од 23 отсто од БДП во 2008 година се зголеми на 57,5 отсто.
„Маневарскиот простор за ново задолжување е стеснет, а државата не успеа да го реформира својот образовен систем спрема потребите на пазарот на труд. Земјата и понатаму е високо зависна од увоз на енергенси и со тоа подложна на силни ценовни удари, без потребната алтернатива“, вели претседателот на Стопанската комора.
Ако политичките партии со пратеници во Собранието ја прифатат Декларацијата, Азески смета дека гаранција за нејзино спроведување ќе биде склучувањето на посебен договор меѓу јавниот и приватниот сектор.
„Со договорот ќе се регулираат меѓусебните односи со кои, пак, ќе се трасира патот кон првиот консензус за прогрес на државата, во кој бизнисот ќе има централно место. И конечно, наместо општи констатации ќе имаме конкретни носители, утврдени рокови и прецизни правила на игра“, вели Азески, додавајќи дека се во Комората се одлучиле на ваков чекор бидејќи сметаат дека мултиплицирањето на низа проблеми во тесен временски период може да го загрози опстојувањето на бизнисот.
„Во консултациите што ги имавме преовладуваа зборовите: доста констатации-дајте решенија, одговорност и за државата, задржете ги младите, разбудете ги сите во борбата против инфлацијата, барајте лојалност кон државата, Декларацијата на СКСМ е визионерски документ, доста предвремени избори, стоп за популизмот во економските политики, ограничете ја моќта на политиката“, побара Азески од политичарите.