Неготинчанец му се заканувал и преку пораки му праќал смртни закани на градоначалникот на Неготино, Горан Стојанов. Основното јавно обвинителство Кавадарци поведе истражна постапка против лицето за кривичните дела Изнуда и Загрозување на сигурноста.
На 2 септември, од анонимен фејсбук профил му пишал на градоначалникот и со сериозни директни закани кон него и неговото семејство се обидел да го присили да му исплати 3.000 евра.
„Во периодот од 4 до 18 септември, во неколку наврати осомничениот испратил пораки со смртни закани на градоначалникот и на официјалната електронска пошта на Општината, со што кај оштетениот и неговото семејство предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“, велат од Обвинителството.
Бидејќи постојат опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор.