ПРЕМИЕРСКАТА ПЛАТА НЕ ЈА ФАЌА ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК, ЌЕ ЈА ВРАЌАМЕ СРЕДНАТА КЛАСА, КАЖА ЗАЕВ ЗА ДАНОЧНАТА РЕФОРМА

    ПРЕМИЕРСКАТА ПЛАТА НЕ ЈА ФАЌА ПРОГРЕСИВНИОТ ДАНОК, ЌЕ ЈА ВРАЌАМЕ СРЕДНАТА КЛАСА, КАЖА ЗАЕВ ЗА ДАНОЧНАТА РЕФОРМА„Со даночната и социјалната реформа ќе се врати на деловната заедницата, ако пораснат платите и социјалната помош, се зголемува потрошувачката моќ, а тоа најмногу се рефлектира на домашните продукти на домашните компании“, рече Заев (Фото: СДК.МК)

    Прагот за прогресивното оданочување на личниот доход од 90.000 денари според премиерот Зоран Заев и даночната реформа нема да ја уништат средната класа, бидејќи во Македонија и во земјите од регионот практично и нема средна класа. Тој ова го кажа одговарајќи на новинарско прашање по реакции од бизнис заедницата дека даночната реформа ќе ја уништи средната класа. Според него со овој праг на оданочување ќе биде опфатен еден отсто од граѓаните кои имаат лични примања, а со 25 милиони евра колку што треба да влезат во буџетот ќе придонесат во градење на фер општество, односно тие што имаат повеќе, ќе плаќаат повеќе за да им се даде на тие што имаат помалку.

    „Преку ваквите социјални аспекти кои државата ги канализира, преку тренинзите, преку можностите за вработување на невработените, пред сè на млади луѓе, преку подигање на платите во одредени јавни сектори, кои што се важни за сите граѓани, како што е здравството или образованието, овозможуваме да имаме фер и праведно општество. Уште еднаш напоменувам имаме работно активни или приматели на приход меѓу 900.000 и милион граѓани. Даночната реформа ќе опфати еден процент на граѓани, околу 9.000 граѓани, кои ќе потпаднат под новиот праведен данок“, рече Заев.

    Тој кажа дека со новата стапка од 18 отсто ќе се даночи само нето приходот што е над 90.000 денари месечно.

    „Дај боже сите да имаме приход над 90.000 денари. Мојот месечен приход е 87.000 денари. Тоа е платата на премиерот. Зборуваме за приход над премиерската плата, над претседателската плата веројатно во државата, над пратеничката плата. Реално се акумулираат некои средства од 25 милиони евра, но преку 34 милиони евра враќаме пари за зголемување од 300 проценти на социјалната помош. За 400 пати се зголемува грижата за децата од следната година. Да не зборуваме дека треба да има мотивирани и медицински сестри и специјалисти и лекари во државата. Да не зборуваме дека за прв пат во милионски суми на евра враќаме во деловната заедница преку поддршка на инвестициите“, кажа Заев.

    Тој рече дека првично определениот праг за прогресивниот данок од 1.000 евра го смениле по реакциите од јавноста, и дека внимателно ги слушале сите и бизнис заедницата и експертите и за да не ги демотивираат информатичарите и архитектите кои немаат 90.000 денари плата одлучиле да го подигнат прагот. Според него друга промена на прагот за даночна реформа нема да има.

    На новинарско прашање дали имало реакции од коморите и од бизнис заедницата премиерот рече дека секако имало реакции и дека претставникот на коморите вицепремиерот Анѓушев ги пренел тие реакции и дека Владата ги слушала сите многу внимателно и одлучиле да го подигнат прагот од 1.000 евра плата, оти просечната плата е помалку од 400 евра.

    „Бизнис заедницата има пристап да реагира и преку претставниците и преку медиумите. А што да кажат сиромашните граѓани, како да реагираат за дополнително да им се помогне. Со даночната и социјалната реформа ќе се врати на деловната заедницата, ако пораснат платите и социјалната помош, се зголемува потрошувачката моќ, а тоа најмногу се рефлектира на домашните продукти на домашните компании. Сега ќе најавам една мерка што ќе стартува од први јануари, а тоа е зголемување на социјалната помош од 2 милијарди и 200 милиони или за 36 милиони евра“, кажа Заев.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира