Преспа се вика, но не може да го преспие Денот Д. Тука и хумористичната серија „Преспав“ се снимаше, но ова не се преспива. Со денови сме во исчекување што ќе биде, велат жители на преспанските села од македонска страна пред потпишувањето на договорот за името.
Неофицијално дознаваме дека по воден пат, со брод или глисер, македонската и грчката делегација ќе допатуваат во Отешево, откако претходно ќе го потпишат договорот за името во селото Нивици (Псаридис) на грчка страна од Преспанското Езеро. Доколку временските услови се лоши, делегациите имаат резервен план, кој сега не се открива. Се очекува да пристигнат пред ресторанот и хотел „Лејквју“ кој е единствениот угостителски објект во Отешево, познат на македонската јавност и по тоа што таму се снимаше хумористичната серија „Преспав“. Тука делегациите, предводени од премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, заедно со другите политичари и дипломати ќе имаат билатерана средба и заеднички ручек.
Отешево важи за еден од најубавите предели на Преспанското Езеро од македонска страна, некогашен туристички бисер во времето на социјализмот. Но, транзицијата го уништи, посебно пожарот во хотелите „Европа“ и „Југославија“. Токму затоа изборот на локации е ограничен зашто има само еден ресторан, „Лејквју“ отворен пред шест години од македонски повратник од Њу Џерси, САД кој одлучи спечалените пари да ги инвестира во родното место. Токму и околината на објектот заедно со плажата е единственото средено катче во Отешево, повторно благодарение на заложбите и одржувањето на сопствениците.
Цел Балкан деновиве е преокупиран со Преспа, жителите во преспанските села ја коментираат ситуацијата, но не сакаат да се фотографираат.
„Преспа се вика, но не може да го преспие Денот Д. Што ќе биде, ќе видеме. Нема што да кажеме, најдете некој постар“, ни рекоа помлади жители од Царев Двор.
Постарите пак, велат „Барајте помлад“и.
„Разбравме на телевизија дека тука ќе доаѓаат. Толку високи гости Преспа не видела никогаш. Еднаш дојде Црвенковски, а порано тука се лекуваше и фудбалер на хрватски ‘Хајдук’ оти местово е воздушна бања“, ни рече Блаже Најдовски од село Волкодери.
Месното население се занимава со одгледување на јаболка. Во куќите низ преспанските села, познати како печалбарски, претежно останале постарите, а помладите заминале во странство. Жител од Царина, кој на себе носеше блуза со натпис „За живот во Македонија“ рече дека никој не сака да го даде името, но мора да се мисли за иднината.
„Ете, мојот син не замина во странство, не извади бугарски пасош. Тука е со мене, сади јаболка. Од тоа живееме. Сакаме цената на јаболката да биде европска, да нема бариери при извозот, да живееме и ние како другите во Европа. Досега дај ги јаболката, а дел од прекупувачите укради ни ги парите. Сакаме европска држава“, ни рече Миле Цветановски.
Летото е период кога гастарбајтерите доаѓаат во Преспа. Тие се лути зашто власта го изгнорирала ставот на дијаспората во однос на договорот за името.
„Иселениците не се задоволни. Вчера разговарав со мојот баџанак во Австралија, со шурата во Америка не се задоволни со промена на името. Многу им е тешко што Македонците од дијаспората ќе бидат игнорирани во целата постапка“, вели Николовски.
Високите гости во Отешево сигурно нема да ги видат рушевините што останаа од некогашниот хотел „Европа“, кој изгоре во 2005 година. По неуспешната приватизациска авантура на португалската фирма „Аквапура“, пред две години се најави дека хотелот го купиле инвеститори од Дубаи. Но, од инвестицијата нема трага, па наместо туристи во хотелот се сместија ластовици правејќи гнезда во рушевините.
Ж.ЗДРАВКОВСКА