Решението за името треба да се потпира на широк општествен консензус и беспрекорна уставна основа. Преспанската спогодба не е таков случај. Таа само предизвика дополнителен раскол и во Грција и во Република Македонија, изјави Марија Захарова, портпаролката на руското министерство за надворешни работи на денешниот брифинг за новинари, сподели Руската амбасада во Скопје на својот твитер профил.
„Збунети сме од изјавата на македонскиот премиер Зоран Заев дека некои бизнисмени кои се симпатизери на Русија наводно го финансираат антивладиното протестно движење во Македонија во врска со Договорот постигнат со Грција. Целта на паушалните обвинувања на сметка на Москва имаат за цел создавање на антируска хистерија. Никакви докази нема, ниту ќе има што би можеле да ги потврдат зборовите на Зоран Заев“, рече Захарова.
Вчера, на заедничката прес конференција со еврокомесарот Јоханес Хан во Скопје, на новинарско прашање за реакцијата од Русија, која за русофобија ги смета неговите изјави дека руски бизнисмени плаќале за насилните протести во Македонија против договорот за името со Грција, Заев рече дека Руската федерација треба да знае оти за Македонија нема алтернатива освен полноправно членство во НАТО и ЕУ.