ПРЕСВРТ НА СУДЕЊЕТО ЗА ОБИД ЗА УБИСТВО НА ЗИЈАДИН СЕЛА, СВЕДОКОТ ЈА СМЕНИ ИЗЈАВАТА ОД ИСТРАГАТА

    ПРЕСВРТ НА СУДЕЊЕТО ЗА ОБИД ЗА УБИСТВО НА ЗИЈАДИН СЕЛА, СВЕДОКОТ ЈА СМЕНИ ИЗЈАВАТА ОД ИСТРАГАТАБидејќи сведокот се присети на тоа што го кажал всушност на истрагата, обвинителот побара како доказ да биде земен целиот негов исказ даден во истрагата. Одбраната жестоко се спротивстави; - Од денешното рочиште во Основниот суд Скопје 1 (Фото: М. Златевска)

    Сведок на Oбвинителството за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села на 27 април лани, не се сеќаваше што се случувало во негово присуство за време на нападот на Собранието. На судењето за обид за убиство на Села, сведокот беше викнат оти имал пет – шест видеоклипови и пет фотографии направени со неговиот  мобилен телефон. Тој е братучед на еден од обвинетите.

    Обвинителот Дарко Јакимовски, побара и доби дозвола за вкрстени прашања, па полека почна да му ја освежува меморијата на сведокот.

    Тој првин тврдеше дека последен пат на нозе го видел Села како се тетерави удрен со статив за знаме во главата и како паднал пред вратата на салата. Рече дека настанала турканица и ништо не видел. Кога по 1,5 минута отишол на околу 2 метра до паднатиот Села, тој веќе тешко повреден лежел на земјата.

    Сведокот рече дека видел само нозе околу него, а не и лица. Не видел ни кој го извлекол тешко повредениот од салата, бидејќи пак се создала гужва. По ова рече дека продолжил да прави клипчиња со Зоран Заев и останатите повредени пратеници.

    Обвинителот Јакимовски по ова побара и доби дозвола од судот да го потсети сведокот што сведочел во истрагата.

    Тој потврди дека во истрагата кажал оти видел човек во кожен елек како го потфатил полумртвиот Села и оти го препознал дека тоа е обвинетиот Александар Јаневски-Тошта. Потоа призна дека тоа и го снимил. Обвинителот го врати назад, па го потсети и дека го снимил и моментот кога Села се издвоил од ќошето со пратениците и се упатил кон вратата, по што се случил нападот. И тоа сведокот го призна во судница.

    Дополнително се коригираше и дека видел околу 20-на лица како му скокнале и почнале да го удираат по главата, нозете, стомакот. Викале: „Убиј го Шиптарот! Убиј го кучето!” Но, слушнал и извици: „Оставете го. Готов е“.

    „Рековте дека не сте чуле ништо?”, го праша обвинителот сведокот.

    „Да, реков денес така и тоа е моја грешка”, рече сведокот.

    Обвинителот го потсети и дека прикрил оти братучедот Сашо Сенков е на снимките. Сенков е еден од десеттемина обвинети за обид за убиство на Села, кои се во притвор. Остана на тврдењето дека може да потврди присуство тој ден на лица меѓу обвинетите во Собранието, но не и нивни активности, бидејќи цело време го снимал „телото на Села легнато во крв на земја, со стомакот и лицето свртени кон  подот“.

    Бидејќи се присети на тоа што го кажал всушност на истрагата, обвинителот побара како доказ да биде земен целиот негов исказ даден во истрагата. Одбраната жестоко се спротивстави.

    Сведокот немаше одговор на прашањето на обвинителот зошто ги снимал насилствата во Собранието на 27 април и зошто бил таму?

    Судијката Славица Андреевска уште го нема завршено рочиштето. Таа го одби предлогот на обвинителот и го закажа судењето на 19 февруари.

    На ред е сведочењето на жртвата Зијадин Села.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира