ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГОСТИВАРСКИОТ СУД ЕЛЈЕСА АЛИЈИ, КОЈ СЕ ПРИЈАВИ СЕБЕСИ ДЕКА КАКО СУДИЈА 6 ГОДИНИ ТРУПАЛ ПРЕДМЕТИ ВО ШКАФ, СЕГА ИМА НОВА ПОСТАПКА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ВО СУДСКИОТ СОВЕТ

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ГОСТИВАРСКИОТ СУД ЕЛЈЕСА АЛИЈИ, КОЈ СЕ ПРИЈАВИ СЕБЕСИ ДЕКА КАКО СУДИЈА 6 ГОДИНИ ТРУПАЛ ПРЕДМЕТИ ВО ШКАФ, СЕГА ИМА НОВА ПОСТАПКА ЗА РАЗРЕШУВАЊЕ ВО СУДСКИОТ СОВЕТВо Судскиот совет сега има постапка за утврдување одговорност на претседателот Алији зашто потпишал повторување на судењето на фалсификатор на пари, застапуван од адвокатско друштво во кое работел син му, што е најстрого забрането. (Фото: Порталикс)

    Откако пред две години се спаси само со казна од 15 отсто од платата, зашто како судија за извршување на санкциите 6 години трупал предмети во шкаф, не ги извршувал и ги довел до застарување, претседателот на Основниот суд Гостивар Елејса Алији пак се најде во постапка за разрешување во Судскиот совет.

    Неофицијално дознаваме дека членот на Советот Миљазим Мустафа поднел барање за поведување постапка за утврдување одговорност на претседателот Алији, затоа што одлучил т. е. потпишал повторување на судењето на фалсификатор на пари, осуден во отсуство, но застапуван од адвокатско друштво во кое работел синот на Алији.

    Алији требало да се изземе од постапката и случајот да се додели на друг судија, бидејќи најстрого е забрането судии да постапуваат во ист предмет со членови на исто семејство, особено од прво колено. Поради ваков случај, лани одеднаш беа разрешени тројца апелациони судии од Штип.

    „Како судија на основен суд Гостивар, Алији постапувал и учествувал во одлучување во постапка по предмет заведен во Основен Суд Гостивар К.ПОВ бр.60/22, оформен по барање на осуденото лице И. К.  за повторување на кривична постапка по правосилна пресуда на Основен Суд Гостивар К.бр.153/17, каде што како полномошник на осудениот се јавува адвокатско друштво во кое на позиција на адвокат е вработено лице, кој е во сродство, односно е син на судијата-председателот“, стои во иницијативата на Миљазим Мустафа, во која САКАМДАКАЖАМ.МК имаше неофицијален увид.

    Постапката за одговорност е кај комисија, која треба писмено да го извести секој од членовите на Судскиот совет и потоа на затворена седница ќе се гласа за одговорност на претседателот на Гостиварскиот суд.

    Овој судија односно претседател на суд, е познат по еден бизарен случај за негово нестручно и несовесно работење, по кој Судскиот совет еднаш му прости. Не само што го помина со минимална парична казна, туку неодамна го избра за претседател за уште еден мандат во истиот суд.

    Како судија за извршување на санкциите во периодот од јануари 2013 до 2019 (пред за првпат да стане претседател  на судот), постапувајќи по предметите кои биле распоредени за извршување: конфискација на имот и имотна корист, трошоци за судења, парични казни-глоби, како и за одземање на имот, издал налози за присилни наплати и извршни пресуди до УЈП Скопје, но по доставување на ваквите извршувања до Одделот за извршни и прекршочни санкции, едноставно не го следел извршувањето. Предметите не ги доставувал до УЈП и до извршители, па дошло до застареност и неможност за нивна наплата.

    Потоа, Судскиот совет го избира Алији за в. д. претседател, но починува службеникот во чиј плакар биле таложени овие неизвршени предмети, па морало да се изврши контрола што има од предмети кај него. Така се открило што правел Елјеса Алији цели 6 години, додека бил судија.

    Алији потоа ги известил Судскиот совет и Министерството за правда за проблемот што го создал тој како судија, а што го открил откако станал претседател на судот.

    „За утврдената состојба в. д. претседателот Елјеса Алији писмено ги известил Судскиот совет и Министерството за правда. По откривањето на проблемот, како в. д. претседател иницирал поинаков начин на постапување по предметите за извршување“, наведено е во решението за казна од плата откако в. д. претседателот открил проблем во своето постапување како судија.

    Алији, по изборот за претседател по првпат, не го пријавил имотот, па Антикорупциската комисија го казнила парично. Казната ја платил во јануари 2022.

    Но, истата година Министерството за правда му влегло во контрола и напишало извештај на 11 страни со многу негативни наоди, за кои можел да добие и кривична пријава како претседател на судот. За слични недоследности во АКМИС (системот за електронска распределба на предметите во судот), што исто така ги евидентираше Министерството за правда во Кривичниот суд Скопје, поранешниот претседател Владимир Панчевски беше обвинет и осуден на затворска казна.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира