На двегодишнината од руската агресија врз Украина, претседателот на Собранието Јован Митрески, кој ја предводи и парламентарната група за соработка со нападнатат и разрушена земја, беше прекинуван и испратен со стоечки аплауз додека зборуваше денеска во украинскиот Парламент.
На почетокот кажа дека е тажен, затоа што Украина како независна земја која сака да оди по својот независен и европски пат, беше цел на сурова агресија од страна на Русија.
„Македонија е свесна колку е тежок патот за создавање на сопствена држава со целосен територијален суверенитет и интегритет, и токму затоа знаеме колку е важно да добиете поддршка во создавање на силен отпор и непоколебливост пред агресорот за да ја зачувате сопствената држава. Страдањата на Украина ја обедини Европа, го обедини светот, кој на Украина ѝ даде безрезервна поддршка од секаков аспект, воена, логистичка, морална“, кажа Митрески.
Точно две години Украина, но и сите демократски сили во Европа и во светот, рече тој, живеат со ужасите што ги предизвика и сѐ уште ги предизвикува Русија со нејзината со ништо непредизвикана целосна агресија не само врз земјата, туку и врз украинскиот народ.
„Илјадници Украинци се жртви на оваа грозоморна агресија, милиони Украинци се раселени и внатре во земјата и низ Европа, на децата им е одземено безгрижното детство, уништено е огромно историско и културно наследство, нанесена е огромна штета на економскиот напредок и просперитет на оваа убава земја“, зборуваше Митрески.
Тој смета дека поддршката за Украина е поддршка за зачувување на мирот во Европа, но и во светот.
„Бидејќи ако заедно не се спротивставиме и ако не ја победиме оваа агресија, агресијата ќе нѐ стигне сите нас, независно дали тоа ќе биде на конвенционален или на неконвенционален начин. Затоа е неопходно сите демократски сили да останеме заедно, како што сме од првиот ден на агресијата за да може не само Украина, туку и цела Европа, да живее во просперитет и мир и да мисли на благосостојбата на нејзините граѓани. Тоа ќе биде највредното нешто што може да им го оставиме на следните генерации. Животот во мир и натпревар во знаење, економија, уметност“, кажа спикерот Митрески.
С. К. ДЕЛЕВСКА