ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ АЛЕКСАНДАР КАМБОВСКИ БЕГА ОД НОВИНАРИ, БАРА ДА ПОДНЕСЕМЕ ПИСМЕНО БАРАЊЕ ЗА ДА СЕ ВИДИМЕ СО НЕГО

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА СУДСКИОТ СОВЕТ АЛЕКСАНДАР КАМБОВСКИ БЕГА ОД НОВИНАРИ, БАРА ДА ПОДНЕСЕМЕ ПИСМЕНО БАРАЊЕ ЗА ДА СЕ ВИДИМЕ СО НЕГО„Претседателе, до бмв-то бев, сега влеговте. Позади вас бев“, му пишавме на Камбовски дека знаеме оти не е на состанок. (Фото:СДК.МК)

    Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски, кој не одговара на повиците на телефон, а во институцијата не назначува портпарол, утрово избега од новинарката на САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Судијата Камбовски го забележавме на паркингот пред зградата на Судскиот совет, која истовремено е и зграда на Фондот за здравство. Се возеше во службеното БМВ, чиј возач го паркираше пред зградата.

    Откако возачот му ја отвори вратата, Камбовски излезе и се упати кон влезот на зградата. Од пристојност и почит, не го фотографиравме.

    Иако бевме зад него 10 метри, сепак решивме да не се довикуваме, туку во истиот момент додека се качува по скалите, уредно да се пријавиме и да побараме прием, дури е слободен.

    Полицаецот од пријавница веднаш се јави во неговиот кабинет, а секретарката експресно одговори: „Претседателот е на состанок“.

    „Претседателе, до БМВ-то бев, сега влеговте. Позади вас бев, ми беше глупо да викам на паркинг. Извинете, ама ова не е транспарентност. Портпарол немате, не ми кревате на телефон, имам прашања. Поздрав“, му пишавме на претседателот на Судскиот совет дека видовме оти не е на состанок.

    Патем и двете стаклени пријавници, како на ФЗО така и на Судскиот совет, видоа дека претседателот штотуку се качи по скалите.

    Додека му пишувавме порака на телефон, помина неговиот возач и погледна. За некоја секунда се прејави секретарката на Камбовски:

    „Кажете ѝ на госпоѓата дека ако сака да се види со претседателот, треба да поднесе писмено барање“.

    Збунет, полицаецот пренесе: „Секретарката рече да напишете писмено барање за да се видите“.

    Камбовски е претседател од 3.01.2025 година. Од неговото доаѓање се случија неколку преседани кои се граничат со законско работење, за кои јавноста остана без одговор од Судскиот совет. Но, оваа институција не била вака затворена уште од времето на изборот на судии од тефтерите на Михајло Маневски, Александра Зафировска, Гордана Јанкулоска, Блерим Беџети и Сашо Мијалков.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира