ПРЕТСЕДАТЕЛОТ САШКО ГЕОРГИЕВ ГИ ОТФРЛИ ТВРДЕЊАТА НА ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ДИРК ЈАН КОП ДЕКА СУДСКИОТ СОВЕТ Е НЕЛЕГИТИМНО ТЕЛО, ВЕЛИ ДЕКА РАБОТАТ ЗАКОНСКИ

    ПРЕТСЕДАТЕЛОТ САШКО ГЕОРГИЕВ ГИ ОТФРЛИ ТВРДЕЊАТА НА ХОЛАНДСКИОТ АМБАСАДОР ДИРК ЈАН КОП ДЕКА СУДСКИОТ СОВЕТ Е НЕЛЕГИТИМНО ТЕЛО, ВЕЛИ ДЕКА РАБОТАТ ЗАКОНСКИДирк Јан Коп не само што е одличен познавач на правосудсниот систем на Македонија, туку тој ги следи и политичките влијанија и корупцијата во нашиот систем (Фото:СДК.МК)

    На изјавата на холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп: „Судскиот совет, всушност, стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање“, денеска претседателот Сашко Георгиев возврати дека Судскиот совет ја отфрла како неточна.

    Тој се повика на заклучок на колегиум во Советот, топтан со четворицата членови кои цело време гласаа „против“ незаконското преземање на претседателското место.

    Изјавата Јан Коп ја даде во интервју за Радио Слободна Европа.

    „Судскиот совет функционира законски и во согласност со надлежностите дадени во Законот за Судски совет. Ова е заклучено на денешниот работен колегиум на кој се отфрлени како неосновани тврдењата на Холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп дека новиот претседател на СС е избран во нелегитимна процедура и затоа се става во мирување 4 годишниот проект финансиран од оваа земја. Членовите потенцираат дека првиот човек на Судскиот совет е избран на седница со потребниот број на гласови утврдени во Законот за ССРСМ. Советот ги повика надлежните да ги испитаат сите сомнежи за корупција, а воедно потсетуваат дека Врховниот суд дополнително и во законска процедура ги проверува сите одлуки донесени за проверка за одговорноста на судиите преку жалбениот Совет. Холандскиот проект трае 4 години и се состои од 3 компоненти: ефикасност, отчетност, транспарентност и регионална соработка и во моментот се наоѓа во третата проектна година“, соопшти кабинетот на Георгиев.

    Јан Коп кажа дека Холандија стави во мирување голем проект за Судскиот совет поради последните настани околу неговото функционирање и разрешувањето и изборот на претседател. „Судскиот совет, всушност, стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање“, рече тој.

    Тој ја искажа својата разочараност од независното постапување на судиите, но и од политичкото влијание при изборот на Ислам Абази за шеф на Обвинителството за организиран криминал.

    „Во минатите две години мислевме дека видовме напредок, подобар менталитет, независно поставување на судии во судот, но исто така сега повторно гледаме дека работите се влошуваат. Гледаме знаци на политичко влијание кај изборот на Обвинителството за организиран криминал, гледаме знаци на политичко влијание во изборот на кандидати во Академијата на судии и јавни обвинители, гледаме знаци на политичко влијание практично во сите судови“, нагласува Јан Коп.

    Најголемиот поборник единствените големи случаи на корупција во 32-годишното постоење на Македонија (обвиненијата на СЈО) да се завршат докрај, потсети дека кога во февруари 2020 година Собранието донесе закон со кој гарантираше процесуирање на случаите на СЈО, тоа беше единствената причина поради која Холандија се согласи за пристап на преговори за членство на Македонија во ЕУ, а потоа и Советот на ЕУ се согласи со тоа во март 2020 година.

    „Тоа е централно прашање и го следиме внимателно. Тоа е дел од поглавјето ‘Основи’ кое прво се отвара, а последно се затвора и ќе остане од висока важност во целиот процес. Но она што ние напротив го гледаме е дека сите случаи на СЈО, еден по еден тонат, а тоа е многу лош развој, а сега го имаме и случајот со Судскиот совет кој, всушност, стана нелегитимно тело. Тоа е многу сериозно и болно за гледање. И поради тој преседан, Холандија сега стави во мирување еден голем проект поврзан со Судскиот совет. Ситуацијата е многу сериозна“, само потсети амбасадорот како внимателно следи како еден по еден тие случаи се враќаат назад во бесконечна судска постапка, се преиначуваат затворските во условни казни, или едноставно се држат со месеци во фиоки за да застарат.

    Според него, работите со корупцијата се влошуваат. Постои корупција насекаде, конфликт на интереси, влијание врз невладиниот сектор, непотизам, клиентелизам, а препораките од Државната комисија за спречување корупција и Народниот правобранител не се почитуваат од никој, ниту од Владата ниту од парламентот, ниту од Обвинителството.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира