Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека полицијата денеска ќе отвори анонимен бесплатен телефонски број 0800-00-201 на кој граѓаните ќе можат да пријавуваат организирани настани и прослави.
„Денеска ќе излеземе со еден проект за бесплатен телефонски број, анонимен, и повикувам секој еден граѓанин да помогне и да биде партнер во спречувањето на ширењето на вирусот и таму каде што ќе има организирани настани и прослави да извести на тој телефонски, анонимен број“, изјави Спасовски во емисијата „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“.
Спасовски потсети дека групирање на повеќе од четири лица е забрането и ако требало да се овозможи групирање, во одлуката би стоело – освен ако имаат негативни тестови.
Тој кажа и дека МВР за време на викендот извршило рекордни 1.300 контроли со цел заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните.
„Викендов извршивме над 1.300 контроли, прекинавме 15 забави, на кои беа пронајдени наркотици и оружје. Синоќа се случи растурање на забава во Волково, при што беа приведени 29 лица. Ист таков настан имаше во Куманово, каде што беше растурена семејна веселба. Затворени се и неколку локали во Куманово и Тетово. Вака, одговорно и посветено ќе постапуваме и за новогодишната ноќ”, рече Спасовски.
Министерот изјави дека против секој којшто нема да ги почитува мерките без разлика дали се работи за сопственик на вила за издавање или пак граѓанин ќе биде поднесена кривична пријава.
Покрај неколкуте растурања на забави Спасовки рече дека МВР работело и во делот на детекција при што била откриена криминална група која продавала лажни ковид тестови.
МВР заедно со Агенцијата за национална безбедност извршиле и неколку претреси во Скопје и Куманово при што се уапсени неколку лица под сомнение за тероризам.
„Безбедноста нема цена. Празничните денови се потенцијална можност за тероризам, но македонската полиција е апсолутна подготвена”, рече Спасовски.
К. СЕЛАМОВСКА