ПРИТВОР ЗА 22-ГОДИШНИК ОСОМНИЧЕН ЗА СИЛУВАЊЕ 88-ГОДИШНА ЖЕНА, СИ ГО ЗАБОРАВИЛ ТОРБИЧЕТО СО ДОКУМЕНТИ

    ПРИТВОР ЗА 22-ГОДИШНИК ОСОМНИЧЕН ЗА СИЛУВАЊЕ 88-ГОДИШНА ЖЕНА, СИ ГО ЗАБОРАВИЛ ТОРБИЧЕТО СО ДОКУМЕНТИОткако два пати ја силувал, напаѓачот заминал без да забележи дека му паднала торбичката со документи што ја носел па подоцна со уште тројца другари се вратил да си ја земе - улицата пред судот во Куманово (Фото: СДК.МК)

    Триесет дена притвор му одреди истражен судија од Кумановскиот суд на А.З.(22) од Куманово, кој е осомничен за силување на жена на 88-годишна возраст во кумановското село Никуљане на празникот Успение на пресвета Богородица. Тој завчера дал исказ пред јавен обвинител и го негирал делото, по што е спроведен во затворот Кшање.

    МВР соопшти дека нападот се случил во понеделникот околу 16 часот кога четири непознати лица дошле во куќата на 88-годишната жена и еден од нив, во два наврати извршил насилно полово дејствие над жената. По преземени мерки, полицијата ги пронашла и лишила од слобода сите четворица. Во консултација со jавен обвинител, против А.З. е поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело силување, а останатите тројца се пуштени на слобода.

    Според семејството на жртвата, напаѓачот дошол пред нејзината куќа додека седела сама во дворот. Ѝ кажал дека бил на прослава на Голема Богородица во манастирот Забел, па заталкал во селото и ја прашувал како да најде автобус за да се врати во градот. Не насетувајќи ја неговата намера, таа му објаснила дека во тоа време нема организиран превоз, па го посоветувала да излезе на патот, бидејќи поради празникот ќе наиде некој со автомобил и ќе го повезе.

    Уште додека седел на клупата тој почнал да ја допира по ногата, па таа се посомневала во неговата чесност и го замолила да си замине од дворот. Тој ја послушал и се оддалечил од куќата, но кратко потоа дошол маж со маска на главата и без зборови ја фатил за раката, ја турнал на земја и ја одвлекол во куќата. Таму двапати извршил полови дејствија. Жената се бранела и барала помош, но никој од соседите не ја слушнал. Откако го извршил делото, напаѓачот заминал без да забележи дека му паднала торбичката со документи што ја носел.

    Повредена и преплашена жена се заклучила во куќата и од срам не кажала никому што ѝ се случило. Околу 19 часот А.З. се вратил заедно со уште тројца другари и почнале да чукаат по вратата да ги пушти внатре да ја побараат торбата. Таа не сакала да отвори, па вревата ја слушнале соседите и излегле да видат што се случува. Откако им кажала што преживела го пријавиле случајот во полиција. Сите биле приведени наредниот ден, врз основа на пронајдените документи.

    Што точно се случувало критичното поладне и кој сè бил вклучен во нападот ќе покаже истрагата. За сторено кривично дело силување предвидена е казна затвор е од 3 до 10 години.

    Жената има видливи траги на насилство по телото, рацете и нозете, а извршен е и гинеколошки преглед. Таа вчера даде исказ пред јавен обвинител.

    Жители од селото кажувале дека пред нападот, четворицата другари биле на мото-трка во селото каде останале без гориво, па оделе по куќите и барале помош. А.З. работел како механичар во една кумановска фирма.

    С. НИКОЛИЌ 

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира