Основното јавно обвинителство од Скопје нареди истражна постапка против 55-годишник осомничен за кривичното дело Убиство во обид, а против него е поведена и постапка за Загрозување на сигурноста.
Како што објави ОЈО, на 1 март во семејниот дом, во присуство и на друго лице, при вршење семејно насилство тој со умисла се обидел да ја убие својата сопруга. Тој извадил пиштол што го поседувал со дозвола, го репетирал и испукал еден куршум, кој поминал покрај оштетената, се одбил од паркетот и завршил во прозорец. Потоа се симнал на долниот кат и на двете ќерки им кажал дека пукал во мајка им. Тие заедно до оштетената си заминале од домот.
„На 5 март, осомничениот повторно пред двете деца ѝ се заканувал со пиштолот на сопругата, со намера да ги вознемири и заплаши“, додаде ОЈО.
Јавниот обвинител достави предлог до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и постапката и опасност да го изврши убиството кое се обидел да го стори.



