На таткото кој завчера си го претепа двегодишното дете му е одредена мерка притвор во траење од осум дена, а здравствената состојба на двегодишното дете е добра и денеска ќе биде пуштено домашно лекување, соопшти Министерството за труд и социјална политика.
Од министерството потврдија дека се запознаени и постапуваат по случајот во кој двегодишно дете со телесни повреди на 9 август е примено на Детска хирургија.
„Веднаш по пријавувањето на случајот дека таткото, односно сопругот, извршил семејно насилство врз децата и нивната мајка односно сопруга, специјализираниот стручен тим од Центарот за социјални работи на Град Скопје излезе на терен. На таткото му е одредена мерка притвор во траење од 8 дена, а здравствената состојба на двегодишното дете е добра и денеска ќе биде пуштено дома“, се вели во соопштението на министерството.
Останатите три деца од семејството, кои вчера беа интервентно сместени во згрижувачко семејство ќе се вратат кај мајката и сите заедно ќе бидат згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство, најавија од Министерството за труд и социјална политика.
Семејството е познато на Центарот за социјални работи на Град Скопје и по претходни пријави за семејно насилство. Од средината на март до почетокот на април годинава, мајката и четирите деца биле згрижени во Центарот за лица жртви на семејно насилство. Центарот го напуштиле по писмена изјава на мајката дека сака да се врати во домот на сопругот со своите деца, бидејќи ги надминале недоразбирањата и состојбата во домот е смирена.
Во врска со истиот случај, од Министерството за внатрешни работи велат дека Секторот за внатрешни работи Скопје до Основното јавно обвинителство во Скопје, поднел кривична пријава против Ф.С. (47) од Скопје поради постоење основи на сомнение дека извршил две кривични дела „телесни повреди во вршење семејно насилство.