ПРИВАТНИТЕ ДОКТОРИ БАРААТ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАПИТАЦИЈАТА, КАКО ШТО СЕ ПОКАЧИЈА ПЛАТИТЕ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

    ПРИВАТНИТЕ ДОКТОРИ БАРААТ ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КАПИТАЦИЈАТА, КАКО ШТО СЕ ПОКАЧИЈА ПЛАТИТЕ ВО ЈАВНОТО ЗДРАВСТВООд протестот лани во април на Здружението на приватни лекари на Македонија. (Фото: СДК.МК)

    Приватните доктори од Македонија преку нивното здружение побараа повисока вредност на капитациониот бод, со што ќе можат да имаат и повисоки плати. Ова здружение брои околу 1.500 приватни доктори, матични и доктори од секундарното здравство.

    „Го поздравуваме покачувањето на платите на колегите од јавното здравство. Не гледаме причина зошто ние приватните доктори да бидеме различно третирани. За да го следиме чекорот на просечни плати, подигнување и растење, така и ние приватните треба да имаме повисоки плати. Затоа е потребна корекција на капитациониот бод. За да нѐ планираат во Буџетот за следната година, еве јавно реагираме. И онака парите за октомври ќе ги добиеме во јануари 2024. Согласно ММФ имаме инфлација, и ние треба да ги следиме трошоците на животот, да ги покачиме платите на докторите, на сестрите“,  кажа д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари на Македонија (ЗПЛМ).

    Последното покачување на капитицијата беше лани есента, кога од 63 денари скокна на 75 денари. Со овие средства приватните лекари обезбедуваат плата, но и средства и апарати за работа, лекови, ги плаќаат трошоците за комунални трошоци, за телефони.

    Министерот за здравство Фатмир Меџити на 9 октомври објави на Фејсбук дека со Самостојниот синдикат ја потпишале спогодбата за ново зголемување на платите на здравствените работници, како и анексот за изменување и дополнување на Колективниот договор за здравствената дејност, со кој се врши зголемување на платите на вработените во јавните здравствени установи со плати пониски од минималната, а со истото и ќе се операционализира покачувањето од 10 отсто за сите вработени во здравството.

    „Ова е второ покачување на платите на здравствените работници годинава. Наша заложба е да имаме мотивирани здравствени работници кои посветено работат и обезбедуваат квалитетна здравствена заштита за пациентите“, рече Меџити.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира