Откако министерот за правда Беким Сали вчера кажа дека барањата на приватните лекари не се прифатливи, од понеделник тие започнуваат со протест. Три дена нема да работат со пациенти, но ќе бидат на нивните работни места и ќе примат само итни случаи. Велат дека тоа што го бараат е суштинско за опстанокот на приватните лекари.
„Ова што го бараме е суштинско и за приватните доктори во примарното и секундарното здравство. Од 2018 не е покачена капитацијата, ниту буџетот кај лаборатории, специјалисти, рурални доктори. За илустрација, индустриска струја плаќаме 30 години, а познато е каква е нејзината цена годинава и плус се најави тешка енергетска зима. Од февруари, кога беше нашиот протест, ништо конкретно не се случи ниту во Министерството ниту во Фондот за здравствено осигурување (ФЗО). Понудивме и решенија, но досега ништо не е поместено, освен што се променуваат министрите и директорите на ФЗО“, вели д-р Лили Чолакова-Дервишова, претседателка на Здружението на приватни лекари (ЗПЛМ).
Тие бараат промена на законската одредба пациентите да бидат врзани со приватните здравствени установи, режимот на препишување на лекови.
„Руралните доктори се на раб на егзистенција. Дали со 75 илјади денари може да издржат да опстанат? Некои мора да патуваат од Велес за Градско, Лозово, од Прилеп за Самоков и Македонски Брод. Тие амбуланти се пред затворање. Каде ќе одат граѓаните кога ќе останат без доктор“, прашува Чолакова-Дервишова.
Министерот за здравство Беким Сали вели дека шест месеци дискутираат за наоѓање решенија, но и дека промени не се прават во краток рок или под притисок. Тој не го поддржува најавениот штрајк, бидејќи, како што вели, не може преку пациенти да се бојкотира работа.
Лошата состојба со докторите во приватното здравство предизвикала последните пет години од 1.800 бројот на доктори да се симне на 1.436. Тие потсетија дека во јаваното здравство платите неколку пати се покачиле, додека кај нив капитацијата е 63 денари, важечка од 2018.
П. ПЕЧКОВ