ПРИВЕДЕН ОДГОВОРНИОТ  ЗА СКОПСКИОТ БАР „МОШ“, 38 ГОСТИ КАЗНЕТИ ОТИ НЕ НОСЕЛЕ МАСКИ НА КОНЦЕРТОТ НА СРПСКИОТ ПЕЈАЧ ВЛАДО ГЕОРГИЕВ

    ПРИВЕДЕН ОДГОВОРНИОТ  ЗА СКОПСКИОТ БАР „МОШ“, 38 ГОСТИ КАЗНЕТИ ОТИ НЕ НОСЕЛЕ МАСКИ НА КОНЦЕРТОТ НА СРПСКИОТ ПЕЈАЧ ВЛАДО ГЕОРГИЕВВчера и завчеравечер во „Мош“ имаше концерти српскиот пејач Владо Георгиев при што се прекршени сите протоколи за заштита од ковид-19, за што сопственикот доби две кривични пријави. (Фото: Принтскрин од видео)

    Управителот на скопскиот локал „Мош“ во центарот на градот ноќеска е приведен во полиција, оти на концертот на српскиот пејач Владо Георгиев не ги почитувал протоколите за заштита од ковид-19 и за отварање и работа на угостителски објекти, соопшти Владата. Исто така, вчеравечер при полициската контрола на првиот концерт на Георгиев во „Мош“ издадени се 38 платни налози на гости во локалот што не носеле заштитни маски, а од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) констатирано било дека не се почитува растојанието меѓу масите од 1,5 метар.

    „Околу 00:30 часот од страна на полициски службеници приведено е лицето М. Д. (41) од Скопје, кое е задржано во ПС Центар. Лицето е приведено поради постоење основано сомнение дека, како одговорно лице, управител на лаунџ бар ‘Мош’ (улица Дебарца во Скопје), сторил кривично дело – Непостапување според здравствени прописи за време на епидемија- казниво по член 206, став 2 од КЗ на РСМ. Лицето М. Д. не го применувал протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана и протоколот за отворање на кафетерии, како и здравствените прописи за време на епидемија. Конкретно, организирал музички настан – концерт, каде што помеѓу гостите не се почитувало дозволеното растојание од 1,5 до 2 метри и повеќето лица не носеле заштитни маски на лицето, и не биле исполнети и други одредби од пропишаните здравствени протоколи“, се вели во владиното соопштение.

    Од таму велат и дека претходната вечер, поврзано со истиот угостителски објект, на барање и во координација со Државниот пазарен инспекторат, полициски службеници во 19:30 часот беа во лаунџ барот ‘Мош“ при што на одговорното лице М. Д. од страна на пазарните инспектори му беше укажано да ги почитува мерките од Уредбата на Владата на РСМ во врска со пандемијата на КОВИД-19, особено по однос на задолжителното физичко растојание на масите и носењето заштитни маски.

    „Потоа во периодот од 21:00 до 23:00 часот повторно е извршена контрола на угостителскиот објект, при што се констатирани неправилности. Притоа, полициските службеници издадоа 38 платни налози на гости во локалот што не носеле заштитни маски, а од страна на ДПИ констатирано било дека не се почитува растојанието меѓу масите од 1,5 метар. Воедно, во истиот угостителски објект, околу 22:30 часот од страна на полицијата повикани се и претставници на Инспекторатот за животна средина од Oпштина Центар и извршено било мерење на бучавата во локалот. Притоа е констатирано дека таа била над дозволените граници, за што дополнително ќе биде доставена прекршочна пријава од Инспекторатот за животна средина“, се вели во соопштението на Владата.

    Исто така, ДПИ вчера спроведе над 100 контроли низ целата држава. Притоа, кај 19 субјекти се изречени казни за непочитување на здравствените протоколи и други прекршоци во надлежност на ДПИ и 4 за непочитување на работно време. Конкретно, 7 организирале свадби – во Струга (1), Тетово (2) и Скопје (4). Кај осум е констатирано непочитување на здравствените протоколи, односно во Струмица (2), Скопје (5) и Битола(1). За сите кои прекршиле здравствените протоколи и организирале свадби, ќе бидат поднесени кривични пријави до Јавното обвинителство. Во текот на вчерашниот ден кај 4 субјекти ДПИ констатирал пречекорување на работното време, односно во Скопје (2), Прилеп (1) и Битола (1), за кои ќе бидат изречени прекршочни пријави, ќе бидат издадени платни налози за парична казна и решение за затворање на објектите од 10 до 30 дена во зависност од пречекорувањето на работното време.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира