Приведени се две лица кои на 1 март на автобуската постојка „Рекорд“ во Скопје, го прободеа со остар предмет 17-годишниот Златко Т., соопштија денеска од Министерството за внатрешни работи. По третото лице учесник во нападот Б.Н. (15) од Скопје уште се трага.
„Денеска од страна на полициски службеници при СВР Скопје по низата оперативни мерки и активности, во рамки на кои што беа собрани материјални докази, а беше разговарано со повеќе лица, очевидци на настанот, приведени се Р.А. (18) од Скопје и К.Т. (18) од село. Љубин, скопско во врска со нападот врз 17- годишниот З.Т. од Скопје на кој му беше нанесена убодна рана со остар предмет во пределот на стомакот. Тие во целост го признаа делото. Овој случај е расчистен, напаѓачите се идентификувани, и против нив по целосно документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“, рече на прес конференција директорот на Бирото за јавна безбедност Лазе Велковски.
Поддршка на прободениот член на навивачката група „Комити“ вчера му дадоа навивачите на фудбалскиот клуб Шалке. Навивачката група Уге, која е збратимена со Комити, на натпреварот со Херта во Гелзенкирхен истакнаа транспарент „Брзо оздравување Златко“.