Со читање на имињата на жртвите од сите досегашни несреќи во земјава, пред Кривичен суд во Скопје беше побарана правда и одговорност на денешниот протест огранизиран од граѓанската иницијатива „Кој е следен?“.
Беа прочитани имињата на 61 жртва од пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, на 14-те жртви во пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово на 8 септември 2021, 45-те жртви сообраќајната несреќа на автобусот на „Беса транс“ на 23 ноември 2021 во Бугарија, на 16-те жртви во превртениот автобус на „Дурмо турс“ кај Ласкарци на 13 февруари 2019, 22-те жртви од поплавата од поплавата во Стајковци на 6 август 2016, како и загинатите кои беа прегазени низ улиците во Скопје и другите градови низ земјава.
„Македонците полесно ќе го сфатат крајот на светот отколку да сфатат дека може да има политичко движење што не е партија”, кажаа на протестот пред Кривичниот суд.
„Денеска сме на улица да се избориме против системот кој нè тера да ги заборавиме сите овие трагедии. Исто така, протестираме за сите барања кои се изнесени во јавноста досега и властите се запознаени. Но, повеќе се вртат муабети кои сме ние, наместо да се обрати внимание на она што ние го бараме“, рече Анастасија Митревска од „Кој е следен?“ и повика „сите граѓани да го кренат својот глас“ и заедно „да кренеме глас против неправдите и конечно да добиеме правда“.
Протестот под мотото „Системот е следен“ почна пред Владата, а потоа маршот продолжи кон Собрание каде се скандираше „Народни платеници“. Потоа демонстрантите поминаа покрај болницата „Св. Наум Охридски“ каде со аплауз ги поздравија докторите и медицинските сестри. „Секој еден може да е следен“, „Нема да молчиме“, „Доста беше смрт“, „Правда за жртвите“, извикуваа демонстрантите.
Протестот заврши пред Кривичен суд, каде беше побарано јавно да биде објавена целокупната документација за случајот со пожарот во кочанската дискотека.