Во Собранието денеска од 11 часот продолжува расправата за изборот на новата Влада на мандатарот Христијан Мицкоски што почна вчера. Владата треба да се изгласа најдоцна до вечерва на полноќ за што се потребни се 61 глас „за“. Парламентарно мнозинство составено од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ има 78 пратеници.
Христијан Мицкоски, ќе биде 13. премиер, а владата формирана од Коалицијата „Твоја Македонија“, Коалицијата „Вреди“ и Движење ЗНАМ – За наша Македонија, ќе биде 20. влада од осамостојувањето на државата.
Вчера, мандатарот за нова влада Христијан Мицкоски, во експозето во Собранието кое траеше 15 минути, побара поддршка од пратениците и кажа дека ситуацијата во многу области во државата е на работ на клиничка смрт, а тој има зацртано пеколно темпо на работа. Рече дека не најавува меден месец од 100 дена Влада, треба веднаш да се фатат за работа. Тој рече дека веќе во вторник доаѓа нова инвестиција од 400 милиони евра. Кажа дека ќе ги намали даноците, ќе отпочне силна борба против корупцијата и за владеење на правото, ќе се чешла имотот на обвинители, судии, на функционерите, ќе биде зголемен буџетот во образованието, ќе се формира посебен фонд за врвна наука, а во центарот на вниманието ќе биде економијата.
И во денешната расправа во Собранието преовладуваа иститите теми поенти од вчера: пратениците од опозиционата СДСМ главно инсистираа владејачката ВМРО-ДПМНЕ да одговори дали ќе го врати името на државата како што ветуваше, дали ќе нема прв вицепремиер како што ветуваше и дали ќе ги укине балансерот како што ветуваше. Кажаа и дека нема разработен план за промена на преговарачката рамка со ЕУ како што ветуваа во предизборната кампања, ниту пак задолжување од милијарда евра. Од СДСМ постојано го потсетуваа и бараа одговор од Христијан Мицкоски зошто ги излажал граѓаните за Преспанскиот договор, за употребата на придавката „северна“ во името на државата, за сплотувањето со ДУИ уште недојден на власт, за лажењето дека ВМРО-ДПМНЕ ќе го укине Договорот со Бугарија и францускиот предлог.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не одговараа на овие прашања туку инсистираа дека СДСМ доживеа историски пораз на изборите и е казнета од граѓаните за лошото владеење.