Професионалниот припадник на АРМ Мартин Богоевски денеска бил на распит пред Воената полиција да објасни како се нашол во прв ред покрај учесниците на инцидентот на вчерашната прослава на Илинден на Мечкин Камен, кога со шишиња и камења беа нападнати вицепремиерот Кочо Анѓушев и американската делегација.
„Во врска со вчерашните информации за учество на припадник на АРМ на прославата на празникот Илинден на Мечкин Камен, Министерството за одбрана ја известува јавноста дека е формирана Комисија со цел покренување на постапка против професионалниот војник Мартин Богоевски кој е евидентиран односно препознаен на видео снимка од инцидентот во Крушево. Со цел да се добие увид во ситуацијата и во заднината на случувањата, професионалниот војник Богоевски денеска е повикан на разговор и на распит во Воената полиција“, вели Министерството за одбрана.
Во текот на распитот војникот Богоевски, иако на видео-снимките се гледа како стои во првиот ред, негирал дека учествувал во инцидентот во кој беа нападнати вербално и со фрлање предмети високи официјални гости од странство како и владината делегација која дојде на Мечкин Камен.
„Министерството за одбрана го осудува учеството на професионалниот војник Богоевски во инцидентот и укажуваме дека на припадниците на институција како што е АРМ не им е местото во групи кои користат насилство за остварување на политички цели и кои со напади врз високи странски официјални лица го нарушуваат угледот на АРМ и на Република Македонија“, стои во соопштението на Министерството, кое најавува дека ќе ја информира јавноста за текот на постапката и за преземените мерки во врска со случајот Богоевски.