ПРОФЕСОРКАТА БИЛЈАНА ВАНКОВСКА Е КАНДИДАТКА НА ЛЕВИЦА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИ

    ПРОФЕСОРКАТА БИЛЈАНА ВАНКОВСКА Е КАНДИДАТКА НА ЛЕВИЦА ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛСКИТЕ ИЗБОРИКако кандидатка на Левица, Ванковска треба да собере 10.000 потписи за да влезе во изборната трка. (Фото: МИА)

    Професорката Билјана Ванковска ќе биде кандидатка на партијата Левица за претседателските избори, соопшти денеска претседателот на партијата Димитар Апасиев.

    „Денес е голем ден за нас како Левица и првпат обзнануваме наш претседателски кандидат, а тоа е професорката Билјана Ванковска и мислам дека го имаме најдобриот кандидат. Сметаме дека партијата го достигна нивото и дека ќе го полага матурскиот испит со собирање на 10.000 потписи“, рече Апасиев.

    Професорката Ванковска во 2014 не успеа да собере 10.000 потписи и да оди на претстедателските избори како независна кандидатка.

    Ванковска ѝ се заблагодари на Левица за довербата и одговорноста за заеднички настап на овие претседателски избори и рече дека се чувствува како дел од тимот иако, како што рече, не е член на партијата.

    „Мојата основна функција и мисија е професорската и таа останува. Меѓутоа, дел од вас ќе се сети дека пред десет години, јас се обидов како независен кандидат да влезам во оваа постапка – на собирање 10.000 потписи без никаква организациска и финансиска поддршка, со волонтери кои беа повикани преку социјалните медиуми. За мене, тоа беше едно многу позитивно време на кое се сеќавам со многу топлина и благодарност кон еден голем број на млади луѓе кои се придружија“, рече Ванковска и додаде дека оттогаш многу нешта се смениле.

    „Овојпат нема да бидам политичка манекенка или случаен минувач во политиката. Овојпат сум навистина со многу поголема самодоверба дека сега постои еден тим, верувале или не, дел од овој тим беше дел од мојот тим пред 10 години. Во меѓувреме, оваа генерација на млади и борбени политичари направи политичка партија за респект. Ќе ги извадиме ракавиците, помина времето на политичката коректност. За 10 години, Македонија е сѐ што немаме. За 10 години, Македонија е во многу лоша ситуација, рече Ванковска.

    Првиот круг претседателски избори во државава ќе се одржи на 24 април, а вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира