ПРОПАДНА УШТЕ ЕДНО СУДЕЊЕ ВО КРИВИЧНИОТ СУД, „ТНТ“ ЗА НЕЗАКОНСКОТО УРИВАЊЕ НА „КОСМОС“ ПО НАРАЧКА НА ГРУЕВСКИ СЕ ВРАЌА НА НУЛА

    ПРОПАДНА УШТЕ ЕДНО СУДЕЊЕ ВО КРИВИЧНИОТ СУД, „ТНТ“ ЗА НЕЗАКОНСКОТО УРИВАЊЕ НА „КОСМОС“ ПО НАРАЧКА НА ГРУЕВСКИ СЕ ВРАЌА НА НУЛАЦелото судење, кое траеше две години, почнува одново, со воведни зборови, изјаснување за вина, бомби, материјални докази, сведоци, вештаци… - Од денешното судење за „ТНТ“ (Фото: К. Попов)

    Поротничката Лилјана Ивановска Кочковска си даде неотповиклива оставка од советот во Кривичниот суд кој требаше во наредните неколку рочишта да го заврши случајот „ТНТ“ за незаконското уривање на комплексот „Космос“ на Фијат Цаноски.

    Целото судење, кое траеше две години, почнува одново, со воведни зборови, изјаснување за вина, бомби, материјални докази, сведоци, вештаци…

    Обвинетиот ексградоначалник на Гази Баба Тони Трајковски и денеска не дојде, како и обвинетата соработничка Елисавета Најдовска. Никола Груевски е во бегство, дојде Миле Јанакиески од куќен притвор.

    За новогодишните празници Јовица Страшевски, адвокат на извршителот на незаконското уривање, ексградоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски и се закани на поротничката дека ако дојде на судењето, ќе ѝ поднесе кривична пријава, зашто исполнила услов за пензија.

    Претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев двапати ги повика МВР, Обвинителството и Министерството за правда да реагираат на двете писма со закани од Страшевски до поротничката, но не доби одговор.

    И Судскиот совет преку соопштение реагираше за притисоците врз судот во случајот „ТНТ“, кажа дека предност има судењето во разумен рок и оти се дава предност на што поскоро завршување на овој судски процес кој трае две години. На поротничката Лилјана Ивановска Кочковска ѝ се обрати да не подлегнува на заканите.

    Таа во оставката напишала дека ја дава од здравствени причини.

    Обвинителот од СЈО Бурим Рустеми кажа дека притисоците врз поротничката од страна на адвокатот Страшевски, за жал, вродија со плод и таа се откажа на самиот крај на судењето. Кажа дека целта на обвинетите и одбраната во последните три месеци беше со континуирани блокади на судските процеси да се одолжи ова судење, што трае две години, и таа им се исполни. На новинарско прашање одговори дека судот немал механизми да се спротивстави на вакви сценарија.

    Утре судењето почнува одново.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира