Доста е од мали амбиции и изгубени можности, време е да поставиме големи национални цели, да носиме храбри одлуки и да создадеме држава која нема да преживува, туку ќе напредува, рече премиерот Христијан Мицкоски во говорот на одбележувањето на празникот 11 Октомври во Куманово.
Мицкоски рече дека бројките за раст на бруто домашниот производ покажуваат дека со оваа Влада државата оди напред и најави просечна плата од 1.000 евра до 2028 година.
„Економија која се движи напред создава нова вредност и отвора простор за повисок животен стандард. Во 2024 и 2025, а во таа насока продолжуваме и во 2026 година, номиналниот раст е најголем во регионот и е над 8%. Извозот во првите осум месеци од годината достигна 5,74 милијарди евра, со раст од 8,7 проценти. Просечната нето-плата во јули достигна 48.499 денари, со годишен номинален раст од 7,1 процент. Целта на оваа Влада е до крајот на мандатот да се приближиме кон просечна плата од 1.000 евра“, рече Мицкоски.
Мицкоски кажа дека нашата цел е европска иднина, но достоинството не е предмет на преговарање.
„Сакаме европска иднина, силни сојузништва и пријателства, но со исправена глава. Македонскиот идентитет, јазик и историја се нашето наследство, нашата гордост и нашата обврска кон идните генерации. Нашата татковина е поголема од секоја партија и секоја влада. Политичките разлики не смеат да бидат посилни од заедничката одговорност. Потребно ни е национално единство околу големите стратешки цели. Со нашиот источен сосед нè поврзуваат соседството, историјата и иднината на овој регион. За минатото можеме да имаме различни толкувања. За иднината мора да имаме заедничка одговорност, да изградиме односи во кои никој нема да мора да го негира другиот за да се потврди себеси. Нашиот јазик не е пречка за европската иднина. Тој е дел од европското културно богатство. Нашиот идентитет не е проблем што треба да се реши, туку достоинство што треба да се почитува. Не бараме Европа да избира помеѓу нас и нив. Бараме европските принципи да важат еднакво за сите“, рече Мицкоски.



