Со свечена гала вечер во хотелот Александар Палас во Скопје синоќа беше отворена првата Балканска школа на педијатри, која ќе трае до сабота.
Д-р Аспазија Софијанова, претседател на Здружението на педијатри на Македонија, рече дека на работните сесии ќе се зборува на повеќе теми, со акцент на медицинска нега и грижа на предвреме родените бебиња, потоа сесија за важноста на вакцинирањето, трансплантацијата, како до подобра дијагностика и третман на лицата со ретки болести.
„Педијатрите се соочуваат со мали пациенти, кои имаат големи проблеми и тие прават се за да ги решат. Овде се чувствувам како дома, бидејќи со многу од вас педијатрите од целиот Балкан често се гледаме во Виена и имаме одлична соработка, особено во делот на трансплантација на бели дробови. Силната политичка поддршка што ја гледам овде вечерва значи дека и овде ја имате потребната поддршка за подобрување на грижата за најмалите пациенти, како и за развој на трансплантацијата“, рече д-р Валтер Клепетко, професор на Медицинскиот универзитет во Виена.
Како изненадување за професорот Клепетко на гала вечерта присуствуваше и Ангела Блажевска, на која пред две години токму тој и пресадил бели дробови во Виена, откако по компликации од ретката болест цистична фиброза ѝ биле потребни нови органи.
Покрај педијатрите од балканските земји и од Клиниката за детски болести, на гала вечерта присуствуваа и доктори и директори од повеќе скопски клиники, фармацевти, директорот на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев, претседателката на Лекарска комора д-р Калина Гривчева Старделова, министрите за здравство и информатичко општество Венко Филипче и Дамјан Манчевски, како и сопругата на премиерот Зорица Заева. Премиерот Зоран Заев пристигна на крајот од вечерта.
Е. БОЧВАРОСКА