ПРВАЧИЊАТА НЕМА ДА ИМААТ ПОВЕЌЕ ОД ЧЕТИРИ ЧАСА ДНЕВНО, НАЈАВИ ДЕСКОСКА

    ПРВАЧИЊАТА НЕМА ДА ИМААТ ПОВЕЌЕ ОД ЧЕТИРИ ЧАСА ДНЕВНО, НАЈАВИ ДЕСКОСКАНовиот модел ќе важи за новите генерации ученици, бидејќи децата што се веќе запишани во основно образование учат според сосем различен модел и во интерес на децата е тие да останат по стариот модел“, велат од Министерството за образование

    Нов образовен модел за основците од прво до трето одделение, најави министерката за образование и наука Рента Дескоска. Таа кажа дека наставниот модел кој е подготвен од работната група во Министерството ја прилагодува нaставната програма кон возраста на првачињата, односно на возраст од пет и пол години, а не како сегашниот со кој наставна програма од прво одделение за 7 годишна возраст вештачки беше спуштена за деца на 5,5 години.

    „Фокусот е ставен на првите три одделенија од основното образование, гледани поединечно и како целина, а притоа водејќи се од прашањето со какви знаења и вештини очекуваме да се стекнат децата по завршувањето на третото одделение. Ревизијата притоа води сметка не само за образовната компонента, туку и за воспитната, односно посебен акцент ќе се стави на формирањето на карактерот на децата. Добрите практики, односно добрите страни на досегашниот образовен систем се задржани и во новиот образовен модел, за да добиеме наш автентичен образовен модел кој соодветстува за нашето подрачје“ рече Десковска.

    Со новиот образовен модел бројот на часови ќе се намали, односно учениците во прво одделение нема да имаат повеќе од 4 часови дневно

    „Ќе се намали и времето кое учениците ќе го поминат во настава за сметка на зголемување на времето за одмор и игра. Предвидено е на секој час од 40 минути, да има 15 минути одмор за децата. Ќе се намалат тестирањата на учениците за сметка на комплексното проверување на резултатите од учењето. Домашните работи ќе се заменат со вежби на час под контрола на наставникот“, кажа Десковска.

    Со новиот образовен модел предвидено е да се воведе служба за поддршка на талентирани, но и за ученици кои бележат послаби резултати во напредувањето.

    Во прво одделение предмети природни науки и општество ќе се спојат во еден предмет „Светот околу нас“, а предмети ликовно и музичко образование се интегрираат во еден предмет уметност. Во прво одделение се воведува физичко и здравствено образование а во погорните одделенија се воведува СПОРТ. На часовите по Физичко и здравствено образование се воведува стручен наставник, кој во тандем со одделенскиот наставник треба да ја реализира наставата.

    „По овој процес да следи и ревизија на учебниците кои ќе треба да се усогласат со новите наставни планови и програми, по што се очекува и распишување на јавен повик за изготвување на нови и квалитетни учебници, онаму каде потребата ќе биде нотирана. Станува збор за сериозни реформи во образованието и затоа предност ќе дадеме на дебатата и времето потребно да се усовршат квалитетни наставни планови и програми, околу кои ќе имаме консензус‘, вели Десковска.

    Од Министерството за образование очекуваат новиот наставен модел да стартува од наредната учебна година, но доколку е потребно ќе се остави време за квалитетно изготвување на програмата и нејзина примена.

    „Новиот модел ќе важи за новите генерации ученици, бидејќи децата што се веќе запишани во основно образование учат според сосем различен модел и во интерес на децата е тие да останат по стариот модел“, велат од Министерството за образование.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари