Тензично е во Кривичниот суд во Скопје каде што вчера прво 15 судии потпишале петиција против претседателот на Судот Владимир Панчевски, а потоа се случил и инцидент во кој вработен нападнал портпаролка на судот, а таа повикала полиција.
Настанот вчеравечер го потврди и Судот со соопштение на својата веб страница.
Вработениот прво се расправал, а потоа ја турнал портпаролката од столот. Инцидентот се случил во присуство на судија претходна постапка.
Претседателот на Судскиот совет Зоран Караџовски вчера попладне за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека добил петиција со 15 кратки потписи и дека ќе ја земе предвид.
“Добивме анонимно известување со 15 кратки потписи. Имиња и презимиња не се напишани. Но, и покрај тоа што известувањето е анонимно, ние ќе го земеме во работа. Ние ја следиме ситуацијата, како со кривичните пријави што си ги поднеле Панчевски и Џолев, така и со претставките што си ги покренале еден против друг, кои сѐ уште се во Советот за утврдување на факти“, вели Караџовски.